„Владата има обврска да обезбеди траекторија која ќе гарантира предвидливост во процесот на стекнување полноправно членство во ЕУ, врз основа на објективни и мерливи критериуми. Тоа е пред се наш национален интерес, но во поширока смисла и интерес на европската иднина на регионот“, е дел од одговорот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на прашањата на Рацин.мк како се толкуват ставот на претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел кој после средбата со македонската делегација во Брисел на платформата Х напиша „со сегашниот моментум во проширувањето на ЕУ, Северна Македионија има вистинска можност да напредува на патот кон ЕУ и да се приклучи на нашето семејство“, но дека за тоа е „клучно да се спроведат минатите обврски, да се почитуваат правно обврзувачките договори и одлучно да се продолжат реформите поврзани со ЕУ“.
Во одговорот на МНРиНТ уште се истакнува дека „јавно изразената поддршка од ПЕС Мишел (и носителите на раководни позиции во Европските институции воопшто), е многу значајна и секогаш добредојдена“.
„Важно е новосоздадениот моментум во политиката на проширувањето, кој е резултат од геополитичкиот одговор на руската воена агресија врз Украина, да продолжи да се развива и надградува на трајна основа“, се вели во одговорот за Рацин.мк.
Од министерството посочуваат дека „како земја кандидат од 2005 година, Република Северна Македонија има изградено солидно (исклучително) досие на исполнување на утврдените пристапни критериуми, спроведување на неопходните реформи и негување пријателски односи со сите свои соседи. Меѓутоа, како последица на еднострано наметнатите блокади и непринципиелни барања заради кои како држава и општество моравме да носиме исклучително тешки одлуки, нашиот пристапен пат низ годините стана макотрпен и полн со неизвесности и разочарувања“.
На дополнителното прашање на редакцијата на порталот дали Северна Македонија е подготвена да биде ставена на брзата трака на којашто сега се Црна Гора и Албанија, од МНРиНТ одговорија:
„Република Северна Македонија е целосна подготвена да го продолжи својот пристапен пат кон ЕУ со забрзана динамика, врз основа на објективни и мерливи критериуми и по принципот на сопствени заслуги“.