Копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот” на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево, ќе учествува на италијанскиот фестивал „Монте Сакро” во Фоџа.
Фестивалот „Монте Сакро” (Monte Sacro) потекнува од Апулија во областа Гаргано, а се одржува во спомен на младиот прерано починат писател Матео Латино. Фестивалот е во режија на композиторот Артуро Анекино и има цел да ги вкрсти различните јазици на уметноста.
Фестивалот на музика, танц и театар – „Монте Сакро”, ја препозна режисерската поетика на Нина Николиќ и актерската игра на Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ, која пред италијанската публика ќе се одигра на 25 јуни.
„Нема да биде крај на светот” е драма за рушењето на интимните светови. Сите три лика од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да да му излезат во пресрет… Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други. Маша и Нина се соочуваат, низ многу болка и со меѓусебни обвинувања и гнев, додека таткото поради тешката болест е емотивно и ментално исклучен од реалноста – неговиот свет е искршен и така во ситни делчиња потопен во сосема друг вид реалност, над која тој (ниту кој било друг) нема никаква контрола. Како преживеани по апокалипса. Маша и Нина бараат начин да излезат од урнатините на стариот свет и на неговите темели да изградат свој – нов свет.
За да го направат тоа ќе мораат да се потсетат, да се соочат и да се помират со сето она што бил нивниот стар свет. Во тој процес и едната и другата ќе си ја „одерат кожата“, ќе се соголат. Понекогаш, единствена утеха што ни останува е тоа дека човекот/жената е во состојба да поднесе повеќе отколку што мисли дека може. Нина и Маша ни ја покажуваат токму тој вид снага, да се издржи, но и да се оди понатаму.
„Нема да биде крај на светот” од својата премиера до денес е една од најнаградуваните претстави, а до сега доби повеќе од 10 (десет) награди. Драмата на Аднан Лугониќ ја режираше Нина Николиќ. Костимите се на Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценограф е Ангел Петровски, а Оливер Митковски ја направи музичката адаптација; во претставата се користи композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски.