„Мој ДДВ“ под знак прашалник: граѓаните скенираат, но не веруваат дека мерката ја намалува сивата економија

Откако минатата недела во јавноста излезе информација дека е можно укинување на мерката „Мој ДДВ“, изјавите на директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, дополнително ја разгореа дебатата. Иако формално рече дека „не е разговарано“ за укинување, нејзината констатација дека мерката „не го дала посакуваниот ефект“ практично отвори простор за политичка најава без експлицитно да се изговори зборот – укинување.

Колку чини „Мој ДДВ“?

Бројките што ги изнесе директорката на УЈП се клучни за разбирање на контекстот. Во 2025 година, на квартално ниво се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за приближно 502.000 корисници. Тоа е околу 4 отсто од вкупната годишна наплата на ДДВ, или еквивалент на половина месечен приход од ДДВ.

Кога „Мој ДДВ“ беше воведен во 2019 година, идејата беше јасна – граѓаните да станат контролори, со скенирање на фискалните сметки да се намали сивата економија и да се зголеми даночната дисциплина. Тогаш се очекуваше државата годишно да враќа до околу 50 милиони евра, доколку мерката се користи масовно.

Денес, кога трошокот веќе се движи околу тие рамки, логично се поставува прашањето: дали ефектот ја оправдува цената?

Што велат анализите?

Според Петрова, податоците со кои располага УЈП укажуваат дека целта не е постигната. Истото го нотираше и Меѓународниот монетарен фонд уште во 2022 година, оценувајќи дека програмата има значителен фискален трошок (околу 0,2% од БДП), но дека нема јасен доказ оти значително ја зголемила ДДВ-наплатата.

Токму затоа изјавата дека „не е разговарано за укинување“ звучи повеќе како подготвување на јавноста за одлука што допрва доаѓа, отколку како вистинска одбрана на мерката.

Што би значело евентуално укинување?

Економските последици би биле двојни.

Од една страна, буџетот би добил простор – средства што би можеле да се пренасочат кон инспекциски контроли, дигитализација или други антисиви механизми.

Од друга страна, би се изгубил еден од ретките инструменти што директно ги мотивира граѓаните да бараат фискална сметка. Прашањето е дали тој мотив навистина создава дисциплина или само навика со симболичен ефект.

Што велат граѓаните?

Екипата на Рацин.мк направи анкета со граѓани на неколку локации, со прашања дали скенираат фискални сметки, дали се задоволни од висината на повратот и дали сметаат дека мерката треба да се укине или унапреди.

Одговорите се поделени:

– Дел од граѓаните редовно скенираат, но сметаат дека повратот е премал.
– Други велат дека „ќе се утепаш од скенирање за ситни пари“.
– Има и такви што сметаат дека месечниот лимит треба да се зголеми – некои предлагаат најмалку 2.000 денари месечно, а други дека воопшто не треба да има ограничување: „колку скенираш, толку да добиеш“.
– Најголемиот дел, пак, се скептични дека мерката навистина ја намалува сивата економија.

Речиси сите анкетирани сметаат дека ако веќе не се укине, тогаш „Мој ДДВ“ мора сериозно да се реформира.

Клучното прашање останува отворено

Дилемата повеќе не е дали мерката е популарна, туку дали е ефикасна. Ако „Мој ДДВ“ не ја намалува сивата економија, тогаш неговото укинување има економска логика. Но ако се укине без да се воведе посилен механизам за контрола и следење на прометот, државата ризикува да заштеди на поврат – а да изгуби на дисциплина.

Со изјавата дека мерката „не го дала посакуваниот ефект“, директорката на УЈП ја отвори суштинската дебата. Прашањето е само дали зад тоа ќе следи јасна анализа и нов модел – или тивко повлекување на една од најпознатите антисиви политики во земјава.

Зачлени се на нашиот е-билтен