Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мојсова-Чепишевска на „Денови на поезијата“: Во „оваа песна (што) за бунт ти збори“, нека чука „срце – на срце срцето“

Имињата се споменуваат за да не ги загубиме од меморијата. Се повторуваат и зборовите што тие имиња некогаш по некој повод или воопшто без никаков повод ги кажале, повторно и нив да не ги загубиме од меморијата. Така Шопов ќе рече: „Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечното минато, за блиската или уште подалечна иднина“, како што порача Шопов. Ама таа наша иднина треба да ја храниме и со сегашноста во која се потсетуваме на имињата, на настаните и јубилеите врзани со тие имиња, на стиховите потпишани од тие имиња. Сè во името на ПОЕЗИЈАТА! „Во љубовта и поезија, сè е речено, а сепак, сè треба допрва да се рече“, вели Блаже Конески.

Со овие зборови започна беседата на Весна Мојсова-Чепишевска, со која вчера беше отворена манифестацијата „Денови на поезијата“ во „Скопје Сити Мол“. Професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ говореше за македонските класици – Кочо Рацин, по повод 85 години од објавувањето на „Бели мугри“, Ацо Шопов, по повод 80 години од објавувањето на „Песни“, Гане Тодоровски и Матеја Матевски, по повод 95 години од раѓањето и Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ, по повод 90 години од раѓањето.

– Младиот Шопов успеа во 1944 да ги преплете љубовта и поезијата и на својот народ да му ја подари збирката „Песни“. И тие да излезат како потврда на она што се вика втемелување на современа македонска држава токму во годината на првото заседание на АСНОМ и на излегувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“, на Македонското радио кога во етерот одекна: „Зборуе радио Скопје“. Шоповата збирка „Песни“ (1944, Белград) е прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија, а се случува по само пет години од Рациновата „Бели мугри“, истакна Мојсова-Чепишевска, потсетувајќи дека гори крвта Шопова од љубов кон татковината, кон саканата, кон слободата… Гори и неговата љубов кон неговите книжевни татковци…

Цитирајќи го Матеја Матевски кога пишува за „стравот од самата песна“, професорката потсети тој многу повеќе мисли на имањето стравопочит од песната, од песната претходничка, од песната на книжевниот татко.

– Така Шопов му се поклонува на Рацин, на оној Рацин што го пробуди во нас идеалот на/за јазикот и убавината на поезијата, и ѝ се поклони на неговата збирка „Бели мугри“, првата збирка на народен македонски јазик отпечатена во рамките на една тогашна држава. Збирка која врие од бои и емоции, од светло жолта преку портокалова и црвена до темно црвена. И знаеше Шопов дека таа збирка, покрај тоа што е врвен дострел на поетот Рацин, таа е и извонредно голем настан во културната и политичката историја на македонскиот народ како и дека е дело неделиво од Рациновиот живот и од неговото класно и национално определување. „Бели мугри“ покажа како се изразуваат најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Со „Бели мугри“ ѝ се отвори пат на современата македонска поезија и на современата македонска книжевност. Шопов е свесен за ова и затоа Шопов со својата збирка „Песни“ од 1944. им се поклони на Рациновите „Бели мугри“ од 1939. На тој начин Шоповата песна продолжи таму каде што застана Рациновата, посочи Мојсова-Чепишевска.

Оврнувајќи се на стравопочитта на Рацин кон народната песна, и кон самиот народен поет, таа потсети дека тој се хранеше и од некои сознанија за она што денес е македонска книжевна и културна историја.

– Дека уште во 1814, во Будум, излегува од печат првата книга на македонски народен јазик „Слово исказаное заради умирание“ на Јоаким Крчовски, за која во оваа 2024 треба да прославиме 210 години од нејзината објава, дека во средината на XIX век ги имаме петнаесетте песни чиста лирика, врвен лартпурлартизам или уметност заради уметност на Константин Миладинов, дека во 1979, во Софија, излегува „Македонска песнарка“ на Ѓоргија Пулевски, како претходница на современа македонска поезија, за која во оваа 2024 треба да прославиме 145 години од нејзината појава, издвои професорката на Филолошкиот факултет.

Андре Жид верува дека големите автори, меѓу кои безрезервно припаѓаат Рацин, Шопов Тодоровски, Матевски, Андреевски и Урошевиќ се оние кои не само што не стравуваат, туку и трагаат по влијанијата, ги бараат и преку таа плодоносна споредба и средба ја изградуваат својата индивидуалност и посебност.

Гане Тодоровски вака им се поклонува на зборовите: „Капинката е капинка / Само кога е набрана. / Песната е песна / Само кога е извлечена / Пред трњето на душата.“ Додека Матеја Матевски, со и во своето творештво умее да види, ама и да покаже: „како се провираат далечни струни низ зборовите / што ја осветлуваат морни тишината на ноќта“.

– Да се потсетиме дека Петре М. Андреевски оперира со митотворни искуства какви што се древните пагански претстави за животот на небото и земјата, за раѓањето и смртта, за доброто и злото, за долниот и горниот свет, но и со модели во кои овие искуства се обликувани, пренесувани и сочувани (легенди, обичаи, гатанки, клетви, благослови, разни магии). „Облеката е измислена да ти ги покрива недостатоците, а зборот да ти го покажува и тоа што не се гледа“ – пишува Андреевски во својот роман „Тунел“. А зборот за него беше сè. Но вистинското лице на зборовите го откри во нечиј скут, во „скутот на баба ми“ како што вели во песната „Лицето на зборовите“, рече во беседата, Мојсова-Чепишевска.

Говорејќи за Влада Урошевиќ, таа меѓу другото потсети дека тој е најтипичниот поет на надреалистичкото поимање на урбаното кај нас. На таа негова приврзаност кон урбаниот пејзаж треба да се гледа како на проекција на неколку модерни поетички концепции. А Урошевиќ ја носи и тенденцијата светот да се/го гледа низ „лупата на детските очи“ и секогаш одново и одново да се исчудува сè во името на песната.

– Во „оваа песна (што) за бунт ти збори“ (Ацо Шопов), нека чука „срце – на срце срцето“ (Кочо Рацин), порача Мојсова-Чепишевска.

На отворањето на манифестацијата, стиховите на македонските великани им ги пренесе првенецот на Македонскиот народен театар, Никола Ристановски, а настапија и студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, по што се обрати и деканот на Факултетот, Владимир Мартиновски.

Носители на активностите на манифестацијата со Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“ се и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и „Култура бета“.

Програмата на манифестацијата продолжува денес, а со бројни активности ќе трае до крајот на неделата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен