Мојтаба Хамнеи, кој во меѓувреме е претставен како нов врховен лидер на Иран, е „безбеден и во добра состојба“, тврди Јусеф Пезешкијан, син на иранскиот претседател и владин советник. Тој на Телеграм објави дека по проверка со луѓе кои имале контакт со Хамнеи добил уверување дека нема никакви проблеми со неговата здравствена состојба.
Оваа изјава доаѓа откако во меѓународните медиуми се појавија информации дека Хамнеи бил повреден во првите денови од американско-израелските напади врз Иран. Анадолија, повикувајќи се на Њујорк тајмс, објави дека станува збор за повреди на нозете, додека Ројтерс, повикувајќи се на висок израелски функционер, наведува дека израелската проценка е оти новиот ирански лидер бил полесно ранет.
Токму недостигот од негово јавно појавување дополнително ги засили шпекулациите. Според Трн и Гардијан, Хамнеи не се појавил во јавноста откако беше именуван за наследник, па прашањето за неговата состојба стана дел од пошироката неизвесност околу стабилноста на иранското раководство во екот на воената ескалација.
Засега, единствената директна порака што треба да ја смири јавноста доаѓа од кругови блиски до иранскиот државен врв, но без ново официјално појавување на Мојтаба Хамнеи, сомнежите тешко дека ќе стивнат. Во ваква атмосфера, секоја информација за неговото здравје станува и политичка порака за тоа колку е навистина стабилен врвот на иранската власт.