Дипломати и функционер на ЕУ изјавија за Политико дека, според сценариото што го разгледуваат европските претставници, членовите ќе гласаат за отворање на првиот преговарачки кластер за Молдавија на почетокот на септември, по министерскиот состанок.
Тоа би бил голем поттик пред изборите за молдавската претседателка Маја Санду, чија партија води кампања на проевропска платформа и се соочува со руски напори да ги сврти гласовите во корист на Москва.
Конзервативниот европратеник Зигфрид Муресан, кој претседава со Комитетот за асоцијација ЕУ-Молдавија во Европскиот парламент, изјави за бриселскиот портал дека треба да се најде начин за отворање на првиот кластер.
„Тоа би испратило сигнал до Русија. Тоа би го отстранило аргументот за наративот на Русите кои велат дека нема напредок на патот кон членство во ЕУ“, истакна Муресан.
Сепак, дозволувањето напредок на патот на Молдавија кон ЕУ би можело да го налути Киев, чија кандидатура за членство се движи во согласност со онаа на Молдавија, бидејќи двете земји добија прво зелено светло од Европскиот совет во 2023 година.
Еден украински дипломат рече дека постои опасност од испраќање погрешен сигнал до Украина.
Во исто време, портпаролот на Европската комисија рече дека и Молдавија и Украина презеле далекусежни реформи на патот кон ЕУ, завршувајќи ги потребните чекори за отворање на првиот преговарачки кластер (основни – владеење на правото и дел од економските критериуми).
„Нема објективна причина да се блокира кластер 1“, рече портпаролот во е-мејл одговор до Политико.
Понатаму се наведува дека проблемот со Украина е блокирањето на Унгарија, чие противење на премиерот Виктор Орбан на влезот на Киев во Унијата стана клучен фактор во кампањата за реизбор следната година.
И додека Молдавија би можела да добие одобрение од сите 27 членки за отворање на кластерот на состанокот на Комитетот за општи работи на 1 септември, веројатно нема да добие едногласна поддршка ниту за Украина.
Тоа би претставувало проблем за членките кои се за проширување, вклучувајќи ја и Данска, која моментално претседава со ЕУ. Доколку Молдавија остане цврсто поврзана со Украина, нема да напредува, а доколку добие зелено светло пред изборите на 28 септември, тоа ќе испрати силна порака до проевропските гласачи во земјата, но би можело да ги налути Украинците.
Дипломат на ЕУ запознаен со ова прашање рече дека се разгледуваат неколку опции за да се покаже на Украина дека напредува на патот кон ЕУ без да се отвори кластерот, вклучително и давање пристап на Киев до програмите Хоризонт или Еразмус.
„Постојат многу работи што можеме да ги направиме за да ја доближиме Украина до Европа на начин различен од формалниот процес на преговори. Клучот е да продолжиме да се движиме напред и да ставиме до знаење дека противењето на Унгарија не се смета за легитимно“, рече дипломатот на ЕУ.