Молња ги покоси играчите за време на натпревар: десетмина повредени, еден во критична состојба

Несекојдневна драма се одвиваше вчера во Србија на фудбалскиот терен каде што Раднички и гостинскиот тим ги одмеруваа силите. При крајот на првото полувреме гром удри во близина на центарот на теренот, а десет фудбалери – сите свртени кон местото на ударот – во истиот момент се струполија на тревникот.

Судијата Драган Јериниќ раскажа дека штом го слушнал силниот удар, видел како играчите паѓаат „како покосени“. „Тренерот Ненад Симиќ, кој по професија е здравствен работник, веднаш му се најде на секому. Додека пристигна Итната помош, тој ја обезбедуваше првата медицинска поддршка,“ изјави Јериниќ за медиумите.

Според лекарите, фудбалерот на Раднички, Марко З., се здобил со полесни изгореници и останува под медицинско набљудување во Итната служба. Многу потешко помина еден од гостинските играчи: претрпе сериозен удар од електричниот празнеж, беше реанимиран на теренот и веднаш хоспитализиран. Болнички извори вечерва соопштија дека неговата состојба е стабилизирана, но и понатаму критична.

Натпреварот, логично, беше прекинат. Организаторите најавија дека ќе почекаат официјален извештај од лекарите и од локалната фудбалска федерација пред да одлучат дали и кога ќе се доигра преостанатиот дел. Федерацијата пак најави ревизија на безбедносните протоколи, вклучително и препораки за превентива при екстремни временски услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен