Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Моника Илкова за 79 години слободно Скопје: „Книжевна мапа на Скопје“

Оваа година, Скопје не можеше да добие нешто поубаво од своја книжевна мапа и не можеше да добие поубаво одбележување од промоција на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ на Моника Илкова. И тоа на 13 Ноември, кога се навршуваат 79 години од денот кога слободата почна да чекори по неговите улички и сокачиња, кога слободата почна да пее заедно со скопската калдрма, со неговиот и наш Камен мост, со плоштадот. И точно во годината кога броиме 60 години откога Скопје на своите кревки плеќи ги понесе сите последици од катастрофалниот земјотрес.

Ова беше истакнато на промоцијата на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова, со која денес, напладне, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се одбележаа 79 години од ослободувањето на главниот град. Промоторка на книгата беше универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, минатогодишна добитничка на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

– Интересен е концептот низ кој се гради „Книжевната мапа на Скопје“. Тој се отвора со цитат од песната „Зборувај за Скопје“ испеана од Нина Спирова во далечната 1965 година (малку време по страшниот земјотрес) со што започнува и ова патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. И Илкова патува, се вози, трага сè до оној последен дел кој се затвора повторно со песна, но овој пат со познатата „Градот убав пак ќе никне“, песна со која се отвора секоја година фестивалот „Златно славејче“. Инаку, целата книга се гради врз принципот на едно постојано (на)враќање на Скопје, и лично (физичко) и во/преку книжевноста. Затоа оваа книга на Моника Илкова може нам/вам како читатели да се обиде да ни даде (можни) одговори на прашањата од типот: Дали може секој од нас да го портретира своето/нашето Скопје како книжевен лик? Момче ли е, девојче ли, бесен ли или мирен „човек“? Ги сака ли своите граѓани? Го сакаат ли граѓаните? Или само го обожуваат авторите? Го кудат или величат?, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Како што посочи таа во промотивната реч, преку  обидот да се истражи односот кон градот што го имаат различни автори, книгата на Илкова опфаќа книжевни остварувања кои зборуваат за Скопје пред и Скопје по земјотресот, односно, за старото и новото Скопје, но и остварувања од најновата книжевна сцена во кои постои еден друг рез помеѓу старото и новото. Во најновите книжевни остварувања повторно, но во една поинаква форма, се појавува онаа носталгично-сентиментална нота за градот кој веќе го нема, но овојпат „изгубен“ од стихија поразлична од онаа природната во 1963. Така  тие  се јавуваат како критика, како бунт и протест кон она што е градот денес и на тој начин зборуваат за „улиците што ги нема“, за „градот што веќе не е мој“, за „Скопје и сè е можно“, за „украдениот град“. Оттаму оваа литература со носталгичен тон, речиси се претвора и во ангажирана, како што истакна Мојсова-Чепишевска.

На промоцијата беше посочено дека исцртувајќи ја и испишувајќи ја книжевната мапа на Скопје, Моника Илкова неизбежно го поставува и она прашање на и во литературата, кое гласи: „Каде престанува стварното, а каде започнува измисленото?“ или „Каде престанува вистинскиот, а каде започнува измислениот град?“. Но и нуди одговори!

– Моника Илкова едноставно ги открива и систематизира старите и новите сознанија за односот кон градот во македонската книжевност, го „прочитува“ Скопје од гледна точка на урбофилна или фланеристичка книжевност и прави суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации. Притоа и  ја истражува новата книжевна сцена во која односот кон градот е една од главните опсесии и ја детектира пораката што ја даваат најновите книжевни остварувања  преку ангажираниот тон во нив, одделно нагласи промоторката Мојсова-Чепишевска.

Во Библиотеката одекна и пораката од книгата дека  Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа, скоро секогаш, барем во книжевноста, отпосле му е признато. Ама и дека книжевната визија на Скопје не е идентична со географската мапа на градот. Токму затоа, оваа книга се обиде да ја исцрта и испише неговата книжевна мапа.

– Кога Моника Илкова вели: „… доаѓаат нови генерации автори урбофили“, секако, сака да ни каже и нешто друго. Дека онаму каде што таа ставила точка, таму таа ни поставила слатка стапица. Зашто зад таа нејзина точка се кријат всушност три точки, зашто и самата кажува: „Ќе има уште многу да се зборува/пишува за Скопје“. Зашто оваа нејзина книга очигледно ќе поттикне и некои други истражувачи. Зашто приказната за книжевното Скопје не завршила и зашто некои други ќе ја допишуваат и исцртуваат. Можеби оние неспоменатите во оваа книга или оние кои продолжија да пишуваат и да го чекаат своето место и да добијат своја улица во книжевната мапа на Скопје, нагласи Весна Мојсова-Чепишевска во завршницата на промотивната реч.

Пред големиот број присутни, меѓу кои и повеќе автори од современата македонска книжевност се обрати и авторката на „Книжевна мапа на Скопје“, Моника Илкова.Весна

– Навистина сум среќна што мојот магистерски труд, што кога ќе порасне сакаше да биде книга, ја исполни својата желба. Мислам дека не бев возбудена сѐ додека не ја зедов книгата в раце, кога сфатив дека држам опредметен еден долг период на пишување, истражување и патување низ книжевната мапа на Скопје. Особено ме радува тоа што за книгата се заинтересираа и луѓе што не се занимаваат сокнижевност, а ме направи горда тоа што книгата веќе успеа да натера неколкумина да ги читаат делата и авторите за кои пишувам. Се надевам дека „Книжевна мапа на Скопје“ ќе биде убаво патување за сите што ќе ја имаат в раце. Неизмерно сум благодарна на моите рецензенти, Весна Мојсова- Чепишевска и Иван Антоновски за посветеноста и поддршката низ целиот процес на издавањето на книгата, со што помогнаа мојата „Книжевна мапа на Скопје“ да не остане само помеѓу зелените дебели корици на магистерскиот труд и да добие поголем број „шетачи” низ неа, истакна авторката.

Извадоци од „Книжевна мапа на Скопје“ читаше актерот Андреј Серафимовски, а од името на издавачот на книгата –  Центарот за култура и културолошки студии, притусните ги поздрави Лорета Георгиевска-Јаковлева. Свое кусо обраќање имаше и уредникот на книгата, Иван Антоновски.

Ова е прва ваква книга за Скопје, а преку неа, картографи на неговата книжевна мала, со своите дела се и: Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Ана Голејшка Џикова и Иван Шопов.

По завршување на промоцијата, скопјани од сите генерации разговараа со Илкова и со промоторката, Мојсова-Чепишевска, по што ги добија и посветите на дел од тиражот на книгата.

„Книжевна мапа на Скопје“ е достапна во повеќе книжарници во градот, а од нејзиното објавување пред неколку дена наваму, интересот на читателите е голем.

Зачлени се на нашиот е-билтен