Моника Ризовска: Жените што го менуваат tech светот и правилата

WITCON 2025 е новиот „meeting point“ за жени во технологија, но и за сите што сакаат да ја видат ИТ-индустријата пофер, подигитализирана и похрабра. Моника Ризовска Таневска од Women in Tech Macedonia објаснува дека зад конференцијата стои мала, но посветена волонтерска армија – жени и мажи кои после работа, деца и рокови, градат настан каков што и самите би сакале да посетат.

Фокусот на годинашното издание е јасен: вештачка интелигенција како инфраструктура, а не само како „играчка“ за неколку инженери. Моника вели дека најголемиот пробив е во тоа што агентските системи веќе преземаат сложени задачи – истражување, анализа, препораки – додека генеративната ВИ го турка темпото во креативните индустрии, маркетингот, дизајнот и образованието. Од идеја до прототип денес се стигнува за часови, не за месеци.

Најбрзо се трансформираат ИКТ-секторот, финтекот, маркетингот и е-комерцот, каде експериментирањето е нормално. Од другата страна се јавната администрација, образованието и традиционалните производствени и земјоделски системи – не затоа што ВИ не им треба, туку поради отпор кон промени, недостаток на капацитет и страв од регулатива. Токму тие „поспори“ индустрии, според неа, ќе станат најинтересни штом направат скок.

Ризовска е искрена и за бариерите за жените. Проблемот не е во талентот – него го има – туку во невидливите очекувања и во недостигот од видливи примери. Од мали години девојчињата слушаат што е „женска“ професија, што е „премногу тешко“ или „ризично“ за мајчинство. Подоцна, во компаниите, жените поретко добиваат шанса за лидерски позиции, менторство и видливост. Затоа, вели таа, не е доволна инспирација од време на време – потребна е системска поддршка: фондови насочени кон жени основачи, мрежи со реални можности, не само мотивациски говори, и повеќе мажи-сојузници кои фактички отвораат врати.

Кога зборува за иднината на пазарот на труд, Моника предвидува дека ВИ ќе ги ослободи инженерите и аналитичарите од рутински задачи – кодирање по шаблон, основни анализи, документација – и ќе ги турне кон архитектура, стратегија и креативно решавање проблеми. Ќе се појават нови улоги: ВИ-оркестратори, етичари, тренери на модели и доменски експерти за податоци. Најбарани ќе бидат луѓето кои комбинираат tech, бизнис и емпатија.

Но таа предупредува и на границата меѓу корисна и ризична употреба на ВИ. Корисно е кога има транспарентност, согласност, заштита на податоци и јасна одговорност. Ризично е кога моделите се користат за манипулација, дискриминација или донесување одлуки без човечки надзор – а никој не чувствува вина затоа што „така кажал алгоритмот“. Затоа етиката и регулативата мора да се градат паралелно со технологијата, а не по завршен проект.

На крајот, нејзината порака до публиката на WITCON 2025 е проста и силна: да заминат со чувство на моќ и одговорност. Моќ – затоа што една личност со лаптоп, ВИ-алатка и добра идеја денес може да промени заедница, компанија, па и земја. Одговорност – затоа што начинот на кој денес ја користиме технологијата ќе го одреди светот што ќе им го оставиме на нашите деца.

Прочитајте повеќе на Трн.мк. Автор: Андријана Георгиев

Зачлени се на нашиот е-билтен