Може ли ЕУ да го брани Гренланд ако САД тргнат со сила?

Прашањето „кој го брани Гренланд“ одеднаш престана да биде теоретско, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвори темата за преземање контрола врз островот и во Европа се појави страв дека спорот може да ја турне Алијансата во преседан: конфликт меѓу сојузници. Во таков сценарио, правните механизми постојат, но нивната примена не е ниту автоматска, ниту чиста.

Гренланд е полуавтономна територија во рамки на Кралството Данска. Тој е надвор од Европската Унија, но Данска е членка на ЕУ. Во нормални услови, како дел од данското кралство, Гренланд би се „препознал“ под колективната одбрана на НАТО, познатата клаузула од член 5. Проблемот е очигледен: НАТО е создаден да штити членки од надворешен агресор, а не да посредува кога потенцијалниот агресор е друга членка – САД.

Тука влегува вториот, помалку познат европски механизам: член 42(7) од Договорот за ЕУ, т.н. клаузула за заемна помош. Европската логика е дека ако членка биде жртва на вооружена агресија на своја територија, другите членки имаат обврска да ѝ помогнат „со сите средства во нивна моќ“. Овој член може да го активира една држава без претходен консензус, а потоа секоја членка одлучува како ќе помогне – дипломатски, економски или, ако има политичка волја, и воено. Единствен преседан на активирање е Франција по терористичките напади во Париз во 2015 година.

Сепак, статусот на Гренланд ја прави работата лизгава. Островот излезе од тогашната Европска економска заедница во 1985 година и денес е класифициран како „прекуморска земја и територија“ поврзана со ЕУ, што значи дека голем дел од европското право не важи таму целосно. Поради тоа, во европските правни кругови нема јасен, „авторитативен“ одговор дали член 42(7) воопшто се протега на територии како Гренланд или останува ограничен на европската територија на државата-членка.

Дури и да се земе дека клаузулата може да се примени, таа не е гаранција за автоматска воена одбрана. Одбраната е политичка одлука, а не судски извршлива обврска: ЕУ-судовите немаат класична надлежност да „натераат“ држави да испратат војска, и во реална криза, помошта би се мерела со тоа колку влади се подготвени да одат далеку во конфронтација со Вашингтон. Затоа, во најверојатниот расплет, европскиот „арсенал“ би се движел од дипломатски притисок и економски мерки, до ограничена воена поддршка – ако воопшто постои единство за таков чекор.

На кратко, правните клаузули постојат, но Гренланд не е класичен случај: НАТО би влегол во сопствен парадокс, а ЕУ би се соочила со прашањето дали нејзината заемна одбрана важи и за прекуморска територија што одамна е надвор од Унијата. Во ваква поставеност, клучното прашање не е само „што пишува“, туку и „кој ќе преземе одговорност“ – и до каде.

Зачлени се на нашиот е-билтен