На 28 ноември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“.
Куратори на поставката се: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља.
Генерална идеја за изложбата е преку контекстуален и критички пристап кон делата во колекцијата да се преиспитаат историски и критички теми, како што се колонијалната историја и неоколонијализмот, феминизмот, хегемониската експлоатација, хибридноста на културните формации и трансформации и соодветните отпори и борби, како и сложените реалности на земји (и групи) што се конципирани како „периферни“.
Изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ претставува репрезентативен избор на дела од колекцијата на МСУ – Скопје, некои од нив ретко или воопшто изложувани, дела на уметници со потекло од она што се подразбирало како периферии на светот или светот разбиран како европоцентрична „геополитика на знаење“, како и дела на современи уметници, во обид за лоцирање на поинакви приказни и наративи, честопати исклучени од доминантите наративи, но се со голема еманципаторска моќ.
Прекршеното време, одговарајќи на задачата на наследството, отвора простор за уметнички дела, приказни и сеништа, кои не биле подеднакво изложени, замислувајќи ги можните идни читања на збирката на МСУ – Скопје, кои се неизбежно прогонувани од минатото.
Современи уметници, чии дела ќе бидат изложени се: Ала Јунис (Кувајт/Јордан), Инас Халаби (Палестина/ Холандија), Сиовија Кјамби (Кенија/ Германија), Карла Закагини (Бразил/ Шведска) и Ивана Сиџимовска (Северна Македонија/ Германија)
Изложбата ја градат дела од збирката на МСУ кои потекнуваат од Глобалниот југ – сфатена како хетерогена и детериторијализирана категорија– или оние кои не учествуваат во глобалниот пазар со хегемонистичка позиција и се архивирани под национален предзнак, односно дека потекнуваат од Аргентина, Бангладеш, Боливија, Бразил, Венецуела, Египет, Ирак, Иран, Јужна Африка, Казахстан, Куба, Кувајт, Мароко, Мексико, Узбекистан, Уругвај, Чиле, но и од други земји каде што живеле уметници од овие земји.
Овие дела, од една страна, се ставени во релација со дела од земјите од поранешна Југославија (Северна Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора) како наследници на политиката и движењето на неврзаните и нејзиното наследство, посебно активна на културен план, и од друга страна со дела од современи уметници, кои на критички начин ги преиспитуваат локалните и глобални хегемонии. Некои од уметниците кои се дел од оваа изложба, а се дел од колекцијата на МСУ – Скопје се светски познатите Мариа Бономи, Роберто Мата, Аида Карбаљо, Феликс Белтран, но и Ремо Бианседи, Роберто Варкарсел, Самсон Флексор, Фајга Островер, Анезиа Пашеко е Шавес, Герти Сахуе, Питер Кларк, Макс Арукипа Чамби, Мариа Аусилијадора Силва и други.
Избраните дела на поканетите современи уметнички (Јунис, Халаби, Кјамби, Закагини и Сиџимовска) во оваа изложба не се доживуваат како изолирани дела, туку нудат можност за постојани дијалози меѓу нив и со изложените дела од колекцијата на МСУ-Скопје. Постколонијалноста, политичките дејствувања и уметнички форми на отпор, женски тела и женски гледишта и производство, уништувањето на животната средина и колонијалната екстракција, опседнатите колонијални и модерни наративи, модернистичката мисла и архитектура, форми на солидарност и деконструкции на националното, се некои од темите со кои уметниците се занимаваат, но не исклучиво, бидејќи повеќе од една од овие теми може да се следат во секое дело.
Преку доведувањето на делата од колекцијата во релационалност со дела од современи уметници се отвора потенцијален фрејминг за контекстуални и критички приказни за постколонијалната солидарност, трансформативна еманципација и соработка и обид за воспоставување на друг репрезентативен антихегемониски идентитет на музејот. Несомнено, вака поставената колекција на МСУ, може да се користи за преиспитување на постоечките изложувања, како и знаењето (епистемологијата) за збирката, кое воедно ќе биде и своевидно отповикување на моќта (политиката) која ја претставувала.
Графичкиот дизајн и уметничката интервенција се на Илиана Петрушевска, изложбениот дизајн е на архитектите Јован Ивановски и Ана Ивановска. Конзерватори вклучени во изложбата се Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска, а соработник на концепт е Тихомир Топузовски.
Изложбата ќе биде отворена до 30 март 2025 година и е дел од одбележувањето на 60 години од основањето на Музејот на современата уметност – Скопје.