Муцунски се издигнал, на Ахмети му порачува да не живее во минатиот фолклор

овој политички фолклор е фолклор којшто потекнува од период којшто е од пред 20, па и повеќе од 20 години, но недостатокот на креативност и визија е причината зошто ДУИ е во опозиција

На Конгрсот на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, беше претставен од високи партиски функционери генсекот, Ѓорѓија Сајкоски и заменик-координаторката на пратеничката група Дафина Стојаноска. Министерот Муцунски за 360 степени вели дека нивното присуство покажува голема почит и демократски вредности,

„Ние треба да ги почитуваме сите политички субјекти во државата, на коишто граѓаните во некоја форма им даваат легитимитет. Има многу политички субјекти со коишто и јас лично имам дијаметрално спротивставени позиции, не само по однос на нивното функционирање, туку по однос на нивната идеолошка поставеност, по однос на нивните стратешки определби. Но, тоа не значи дека доколку тие нè поканат да бидеме присутни на нивен конгрес, нема да им дадеме минимална почит. Јас ги почитувам и тие со коишто не се согласувам, и токму присуството мислам дека беше еден знак на меѓусебна почит дека сите учествуваме во политичкиот живот во оваа држава и сите имаме некоја форма на поддршка дадена од страна на граѓаните“, вели Муцункси.

За пораката Ахмети, од овој конгрес во Мала Речица дека Владата во иднина да се избира со Бадентерово мнозинство во парламентот, а исто така и Уставниот суд, кога ќе носи одлуки за закони коишто во Собранието се носат со Бадентерово мнозинство, да решава со Бадентерово мнозинство, Муцунски рече дека Ахмети живее во фолклорот од кога првпат земал учество во владата од 2002 година.

„Поминати се многу години, повеќе од 20 години од времињата во коишто е заглавена неговата свест. Можеби длабоко во себе знае дека сите овие работи за коишто зборува се нереални, но очигледно се чувствува дека му е стеснет политичкиот простор и нема друга тема на којашто може да дискутира. Јас не верувам дека има во оваа држава млад Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, којшто верува во сите овие работи. Јас знам дека нашите граѓани очекуваат да обезбедиме подобри услови во делот на стандардот на живеење. А овој политички фолклор е фолклор којшто потекнува од период којшто е од пред 20, па и повеќе од 20 години, но недостатокот на креативност и визија е причината зошто ДУИ е во опозиција. А по оваа реторика којашто доаѓа од господинот Ахмети, тоа што мене ми станува сè појасно, е дека ДУИ уште еден подолг период веројатно ќе мора да остане опозиција“, изјави Муцунски.

Зачлени се на нашиот е-билтен