Потпорниот ѕид изграден за спречување на лизгање на земјиштето во близина на ХЕЦ Пена, покрај тоа што обезбедува сигурност за возилата и пешаците, трансформиран е и во дело на уличната уметност, преку голем мурал кој пренесува порака за отпорност и единство во заедниците соочени со катастрофи.
Муралот е изработен како дел од серијата активности кои УНДП ќе ги спроведе за одбележување на меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти октомври.
На претставувањето на муралот нацртан по целата должина на ѕидот долг 120 метри денеска присуствуваа Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
„Овој ѕид е одлично направен и обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот и движење на граѓаните на Тетово кон Бањиче, популарна рекреативна дестинација. Но, беше сив и ние сакавме да го разубавиме, но и да испратиме значајна порака за отпорност и единство во заедниците соочени со ризик од катастрофи“, изјави Григорјан.
„Големо задоволство е да се биде тука со нашите партнери од УНДП, на презентацијата на овој мурал, во чија подготовка учествуваа и повеќе млади лица. Заедно спроведуваме значајни активности со кои сакаме во Полог да ја засилиме отпорноста кон поплавите и нашите заедници да ги направиме поотпорни на катастрофи“, рече Касами.
Инспирација за приказната претставена на муралот, уметниците најдоа во цртежите кои ги изработија учениците од повеќе основни училишта во Тетовско, на работилниците организирани од УНДП.
Ѕидот кој послужи како платно за уличните уметници е изграден во рамки на проектот за „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.
(