Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мурали во Скопје и Тетово со порака „Оставете нè во мир!“

Во организација на Францускиот институт во Скопје, Гете институтот и здружението „Лоја“ од Тетово од 1. до 7. мај 2023, се реализира проект насловен како „Оставете нè во мир!“. Проектот е поддржан од Француско-германската канцеларија за млади и Француско-германскиот културен фонд, во рамките на програмата „Наша Европа, наша иднина“ и во чест на 60-та годишнина од потпишувањето на Елисејскиот договор.

За оваа цел поканети се 21 млади уметници, од кои 7 од Франција, 7 од Германија и 7 од Северна Македонија. Тие, под менторство на 3 реномирани уметници (Французинката Ема Попи, Германецот Дамјан Ив Род и Украинката Марина Сорокина – Сомари), ќе се обучат да насликаат мурал во Градскиот парк во Скопје (веднаш до ноќниот клуб „Pure”, наспроти главниот влез на поранешниот Луна парк), како и помал мурал во Тетово.

Обуката на младите уметници ќе се одвива на 2 и 3 мај 2023 год. во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, во присуство на средношколци од гимназијата.

Тие заедно ќе го осмислат муралот со пораки за мир во Украина и во светот, а пораката за мир треба да одекне широко до сите граѓани, до љубителите на уметноста и до младите.

Сликањето на муралот е предвидено да се изведе во четврток 4 и петок 5 мај 2023, од 10 часот до 17 часот.

Воедно, в четврток, 4 мај 2023, во 16:00 часот, во Europe House, ќе биде организирана и дебата на идеи „Европа е нашата иднина“, на која учество ќе земат млади уметници и домашни експерти, а ќе разговараат за актуелните предизвици пред кои се наоѓа Европската Унија, како и за иднината на Балканот. Дебатата се одржува во знакот на 60 години Елисејски договор.

Уште еден помал мурал ќе биде изведен во општина Тетово со цел потсетување дека европската интеграција е единствената иднина за младите.

По завршувањето на проектот, ќе има видео запис којшто ќе биде споделен на социјалните мрежи.

Ќе биде реализирана и изложба на фотографии на голем формат, која ќе биде прикажана во повеќе градови во Северна Македонија, а ќе го носи насловот „Младите за мир“.

Целта на проектот е зајакнување на мултикултурниот дијалог помеѓу младите од три земји, поттикнување на креативноста и слободното изразување кај младите, повик на мир и помирување преку уметноста.

Зачлени се на нашиот е-билтен