Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мурати: Не се почитуваат уставните и законските права на турската заедница

Пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија и дел од „Европскиот фронт“ на денешната прес-конференција во Собранието нагласи дека не се почитуваат уставните и законските права на турската заедница. До овој заклучок Мурати дошол по направената анализа на сопствена иницијатива за употребата на турскиот јазик на локално ниво во нашата држава. 

Мурати соопшти дека анализата опфаќа 12 општини – Пласница, Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Карбинци, Конче, Василево, Долнени, Врапчиште, Студеничани, Гостивар, Кичево и Чаир и открива сериозни пропусти во имплементацијата на јазичните права. Посочи дека во шесте општини каде турското население надминува 20 проценти, состојбата е особено алармантна. Според него, единствено Општина Центар Жупа покажува задоволително ниво на имплементација, додека останатите пет општини покажуваат сериозни недостатоци. Посочи дека особено загрижува состојбата во Општина Пласница, каде и покрај 97.13 проценти турско население, имплементацијата на јазичните права е минимална.

Во општините, како што потенцира, каде турскиот јазик доброволно е воведен како службен јазик, иако турското население е под 20 проценти, само Врапчиште и Чаир покажуваат задоволително ниво на имплементација. Во останатите општини, според него, имплементацијата е минимална или непостоечка.

Мурати рече дека анализата покажува системски недостатоци во сите сфери на употреба на турскиот јазик.

-Турскиот јазик најчесто отсуствува од пленарната сесии на општинските совети, официјалните документи, јавните натписи и комуникацијата со граѓаните.  Ниту една од анализираните општини нема предвидено буџетска линија за јазични политики, а недостатокот на професионален преведувачки кадар е евидентен во речиси сите општини. Оваа анализа веќе го имам доставено до сите релевантни домашни институции, рече Мурати. 

Според него, за надминување на оваа состојба неопходни се итни мерки на законодавно и институционално ниво. Потенцира дека потребна е подготовка на нов закон за јазиците на локално ниво и итна ратификација на Европската Повелба за регионални или малцински јазици. На институционално ниво, како што посочи тој, неопходно е формирање на национално тело за мониторинг и воведување задолжителни буџетски линии за јазични политики во општините.

Тој побара свикување на седница на Собранието за расправа по оваа анализа и формирање на Анкетна комисија која ќе ги испита причините за непочитување на законот. Од домашните институции очекува да преземаат итни мерки за надминување на констатираните пропусти, да воспоставаат ефективен систем за мониторинг и да обезбедат соодветни финансиски средства.

На новинарско прашање околу работата на Комисијата на Собранието за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, Мурати информира дека досега не се состанувале.

– Јас сум член. Комисијата се формира пред месец дена. Сигурно сите тие членови на Комисијата имаат  чувство за оваа работа, ние уште не сме се состанале. Не можам да зборувам во име. Во Собранието ги афирмирам овие вредности за правична застапеност. Добар познавач сум на правата на помалите заедници во Балканот. Околу правичната застапеност, моментално сме околу 2 отсто и ова е 25 години. Квалитативната и квантитативното застапување не е во она ниво што заслужува. Околу 3 илјади Турци недостасуваат во јавната администрација. Што изгуби мојата татковина што бев претседател на Уставниот суд. Можеби сум бил најдобриот и најпатриотскиот претседател на Уставниот суд, рече пратеникот Мурати.

Зачлени се на нашиот е-билтен