Музичкиот спектакл за деца „Петар Пан и Дедо Мраз“: Уживање во мечтите и развивање на креацијата и радоста

Крајот на годината, поточно, минатиот викенд беше спектакуларен и во многуте сегменти ги смени критериумите на постоечката музичко-балетска сцена.

На нашата најголема затворена сцена, во Арената „Борис Трајковски“ се оддржа музичкиот спектакл за деца „Петар Пан и Дедо Мраз“. Настанот слободно може да се нарече светски, каде што триумфираа идејата и реализацијата.

За првпат на овој простор се случи детска претстава за која воодушевувањето и коментарите, и неколку дена потоа, не стивнуваат.

Овој „Made in Macedonia“ музичко-балетски спектакл стана вистинска гордост, поради кој многу земји со развиена, импресивна музичка индустрија можат да ни позавидат. Претставата и даде крилја на културата, а благодарение на квалитетното сценарио, вештината на танчерите и моќната музика, надреалното стана реално.

Палавиот херој на многуте детства, Петар Пан навистина полета, а Дедо Мраз, верувале или не, директно од Лапонија слета на сцената на „Борис Трајковски“. Глетката величествена, а децата во публиката ги поздравуваа со хорски овации.

Освен доброто чувство што претставата го предизвика, во наследството на поп-културата ќе останат и интересни сонгови: песните со неверојатна брзина влегоа во увото на публиката која постојано ги потпевнуваше.

Многу магија и игра ја одбележаа „Петар Пан и Дедо Мраз“, позитивната животна филозофија што, наспроти разните животни предизвици, се обиде да го претстави детството преку одредени симболии и херои.


Изведбата на децата од Балетското студио „Арт Балет“ како и професионалните балетани од редовите на ансамблот при Националната Опера и Балет – Веселин Трајковски и Николас Хоурсеау во улогите на Петар Пан и Капетан Кука – како и актерот Лазар Христов во улогата на Дедо Мраз, беше оценета како маестрална.

Tимот што го подготви спектаклот го сочинуваат Ристо Самарџиев (сценарио и сонгови), Ирена Лозинска (кореографија и режија), Владимир Дојчиновски -Дојчин (музика), Тамара Ѓурчиновска, (управителката на Арт Балетот).


По премиерните четири претстави во Националната Опера и Балет на 31-ви март и 1-ви април, слетувањето на Петар Пан во Штип, Струмица и Велес, турнејата заврши на вистинското место.

-Би сакале нашите деца и генерации потоа да растат и да се едуцираат со вакви настани, да уживаат во мечтите и да ја развиваат креацијата и радоста, велат организаторите.

Зачлени се на нашиот е-билтен