МВР го објави регистарот на напади врз новинари

одземено оружјето

Министерството за внатрешни работи денеска постави на својата почетна страница упатување до регистарот на напади врз новинари што го администрира Здружението на новинари на Македонија. Регистарот содржи случаи на повреди на правата на новинарите со податоци за видот на нападот, локацијата и статусот на постапката. МВР порача дека безбедноста на новинарите е „еден од врвните приоритети“ и апелираше сите закани, вербални и физички напади и други форми на притисок веднаш да се пријавуваат.

Во писменото соопштение Министерството потсети дека е определена контакт-точка во МВР за побрзо расчистување на случаи што се однесуваат на новинари и дека координацијата со ЗНМ, обвинителството и други релевантни тела е на високо ниво. Дополнително, во тек е формирањето на национален комитет за заштита на новинари, меѓуресорско тело кое, по конституирањето, треба да изработи Национален акциски план за заштита на новинарите. Активностите се спроведуваат во рамки на кампањата на Советот на Европа „Safety of Journalists“.

МВР наведува и дека прирачникот за безбедност на новинарите, подготвен во соработка со ЗНМ и Јавното обвинителство, се применува во практиката и е надграден во изминатата година, со најави за понатамошно ажурирање. „Министерството е обврзано да ги санкционира сторителите и да го заштити правото на јавноста на слободно информирање“, стои во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен