Министерството за внатрешни работи соопшти дека го расчистило убиството на 76-годишен охриѓанец, чие безживотно тело вчераутро било пронајдено во неговиот дом на улицата „Нада Филева“ во Охрид. Осомничениот, 53-годишниот Ж.Г. од тетовското село Брвеница, бил уапсен истото попладне по претходно распишана централна потерница.
Според официјалните информации, случајот бил пријавен во 8:24 часот, по што на местото бил извршен увид од јавен обвинител и полициски екипи, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По наредба на обвинителството, телото на починатиот е предадено на обдукција.
Осомничениот бил лишен од слобода во 17:20 часот во Брвеница од полициски службеници од СВР Тетово, постапувајќи по потерница од СВР Охрид. Против него, по целосно расчистување на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за убиство.
Според неофицијални информации станува збор за болничар кој и бил познат и порано на полицијата и бил апсен заради закани на политичари на социјалните мрежи и припадник на десничарски структури.