МВР конечно соопшти колку марихуана заплениле

Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во тек е опсежна акција во која досега се запленети над 40 тони дрога, односно големи количини марихуана поврзани со правни лица што работат со растенија за фармацевтска употреба. Според МВР, во правно лице во Скопје биле пронајдени и одземени околу девет тони марихуана и над 1.300 шишиња произведено масло од канабис, означено како полупроизвод. Дополнително, од правни лица од источниот регион биле одземени над 31 тон марихуана и биомаса.

МВР наведува дека контролите се извршуваат во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на оваа дејност при Министерството за здравство, а паралелно, со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за утврдување дали неодамна запленетата марихуана во Србија потекнува од Северна Македонија.

Во соопштението се посочува дека дополнителни проверки биле направени затоа што едно од осомничените и приведени лица во Србија е дел од сопственичката структура на правното лице во Скопје. По извршените контроли на количините и документацијата, Комисијата од Министерството за здравство констатирала неправилности и голема неусогласеност во однос на тоа што правното лице го поседува, произведува, набавува и отуѓува, по што од просториите била подигната целата пронајдена количина марихуана.

МВР информира дека проверки биле спроведени и во неколку правни лица во источниот регион, каде, според надлежната комисија, исто така биле утврдени неправилности и неусогласеност на количините, по што била одземена затекнатата количина.

Случајот се поврзува и со заплената на пет тони марихуана во Србија, за која тамошните институции соопштија дека е откриена на 29 јануари во реонот на селото Коњух кај Крушевац, а дел од наводите што се проверуваат се однесуваат на можната поврзаност со структури од Северна Македонија. Според изјави пренесени во медиумите, српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ ја оцени заплената како најголема во Србија и наведе проценка на вредноста од седум до десет милиони евра.

Од МВР додаваат дека во координација со ОЈО ГОКК, каде што е формиран посебен тим за овој и слични предмети, акцијата продолжува и во наредниот период, а по целосно расчистување на случаите јавноста ќе биде детално информирана.

Зачлени се на нашиот е-билтен