Шефот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, И. Б., рано изутрината нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода.
Ова денеска го потврди и МВР во извадокот за дел од дневните настани кои редовно се дистрибуираат до медиумите.
„На 18.02.2024 во 00.40 часот во угостителски објект на подрачје на Центар во Скопје, полициски службеници Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“ се вели во службената белешка на МВР.
Претходно за овој настан информираше дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бомјацалиев, кој на социјалните мрежи напиша дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на службена дејност, и побара максимално професионално да се расветли овој случај.
„Згрозен сум од чинот што се случи ноќеска кога колега полициски службеник нападнал друг колега пред угостителски објект којшто во тој момент извршувал службени дејствија. Напад врз полициски службеник е напад на држава! Истиот е лишен од слобода и повикувам внатрешна контрола и СВР Скопје да постапат соодветно и максимално професионално“, напиша Бојмацалиев.
И. Б. е вработен во МВР и на барање на ВМРО-ДПМНЕ е дел од обезбедувањето на лидерот на партијата Христијан Мицкоски. За време на мандатот на Наќе Чулев како министерот за внатрешни работи во техничката влада во 2020 година, тој беше именуван за командант на елитната полициска единица ,,Тигри”, една од 15-те позиции на кои Чулев направи промени