МВР потврди: Вујкото убил две лица, фрлил бомба и пукал кон полицијата, па се самоубил

Голема трагедија го потресе Прилеп, откако тројца членови на едно семејство, меѓу кои и 13-годишно дете, беа пронајдени мртви со повреди од огнено оружје, во куќа на роднина во центарот на градот. Министерството за внатрешни работи потврди дека се работи за сериозен безбедносен инцидент, во кој било фрлено и експлозивно средство врз полициски службеници.

Настанот стартувал во саботата вечер, околу 21:20 часот, кога во ОВР Прилеп, 43-годишната К.Ч. пријавила дека нејзиниот сопруг П.Ч. (43) и нивниот 13-годишен син се оддалечиле од домот, со сомнеж дека можеби заминале во куќата на нивниот роднина П.Ѓ. (62).

Полициски службеници веднаш се упатиле на посочената адреса, но никој не ја отворил вратата. По наредба од јавен обвинител, вратата била отворена со примена на сила. Во моментот кога полицијата влегла во објектот, едно лице фрлило рачна бомба кон нив. Бомбата почнала да чади, но, за среќа, не експлодирала.

Полициските службеници веднаш се повлекле од куќата, но одвнатре било пукано кон нив. Во размената на оган, полицијата возвратила со службено оружје.

Неколку часа подоцна, во 01:35 по полноќ, на местото на настанот пристигнала Итна медицинска помош, каде лекарите констатирале смрт кај тројца – таткото П.Ч., 13-годишниот малолетник и 62-годишниот роднина П.Ѓ.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот, а увидот на лице место е завршен во координација со јавен обвинител.

Зачлени се на нашиот е-билтен