МВР: Повеќе училишта во Скопје и Куманово добиле дојави за бомби

МВР демантира

Неколку основни училишта во Скопје и Куманово попладнево добиле е-пораки со закани за поставени експлозивни направи, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Денеска (28.10.2025) околу 18 часот во СВР Скопје и СВР Куманово е пријавено дека на електронските адреси на неколку основни училишта пристигнале пораки со закани за поставени бомби. Во тек се проверки од страна на полициските службеници,“
соопштија од МВР за „360 степени“.

Учениците евакуирани, полицијата на терен

Раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ, информира дека сите ученици се безбедно евакуирани веднаш по дојавата.

„Заканата беше испратена по електронски пат нешто по 17 часот. Полицијата реагираше многу брзо и учениците беа безбедно изнесени од училиштата. Сега службите ја проверуваат состојбата,“ изјави Јовановиќ.

Прекинати наставните и воннаставните активности

Според информации на неколку медиуми, дојави за бомби биле испратени и до училишта во Општина Аеродром, по што сите попладневни активности биле прекинати, а учениците испратени дома.

Полицијата продолжува со проверки на сите објекти, додека од МВР апелираат на смиреност и внимателност, нагласувајќи дека безбедноста на учениците и персоналот е приоритет.

Зачлени се на нашиот е-билтен