Министерството за внатрешни работи (МВР) испрати официјално предупредување до граѓаните за нова интернет измама што кружи на социјалните мрежи. Во лажните објави се тврди дека одредени компании за техника нудат модерни телефони преку наводна „внатрешна програма“ поради оштетена амбалажа – но тоа е целосна измама.
Од МВР апелираат: не кликнувајте на сомнителни линкови, не споделувајте лични податоци и не верувајте на емоционални приказни кои служат за измама. „Компаниите за техника немаат тајни страници за ‘специјални’ телефони и не продаваат производи преку неофицијални канали,“ појаснуваат од МВР.
Граѓаните кои ќе наидат на вакви објави се охрабруваат да ги пријават во најблиската полициска станица или преку официјалните контакт канали на Министерството. Целта е да се спречи ширењето на измамите и заштита на корисниците од злоупотреба на нивните лични информации.