МЗ: Тешко повредените од Тетово се пренесени на КАРИЛ во Скопје

Министерството за здравство информира дека во Скопје се пренесени четворица пациенти со тешки телесни повреди: на КАРИЛ е примен 32-годишен маж со прострелна рана во пределот на граден кош; на Торакална хирургија – 37-годишен пациент, исто така со прострелна рана во граден кош; на Детска хирургија е згрижено 12-годишно девојче со прострелна рана во десната натколеница; а на Трауматологија – 60-годишен маж со скршеница на десната потколеница. Сите повредени добиваат соодветна медицинска нега и се под постојан лекарски надзор.

Од МВР велат дека по престрелката едното возило се упатило кон улица „113“, а другото во непознат правец. Според очевидци и првични податоци, едното било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски ознаки што се одјавени, сопственост на 19-годишен жител на с. Гајре. На самото место бил пронајден и „Фолксваген Голф“, сопственост на 46-годишен тетовец, во кој имало починато лице со прострелни рани. Повреден е и 60-годишен пешак – случаен минувач – кој е префрлен на лекување во Скопје.

Полицијата и јавниот обвинител спроведуваат увид и работат на целосно расчистување на мотивите, учесниците и околностите на вооружената пресметка што остави тешки последици по животите и здравјето на граѓаните во Тетово. Истрагата е во тек.

Зачлени се на нашиот е-билтен