Делови од потпорниот ѕид на улицата „Белградска“, кај Клиниката за детски болести, и понатаму се одронуваат од подземната вода која постојано извира и претставува опасност не само да се урне ѕидот, туку да пропадне и да се раскопа самата улица, при што може да дојде до поголема трагедија.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, денеска свика координативна средба со претставници на надлежни институции, по што била донесена одлука како привремено решение да се изгради ограден-попорен ѕид од страна на Министерството за здравство, а на Град Скопје му е наложено да изработи динамика за активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР – Скопје, со што би се редуцирало движењето на тешки товарни возила. Побарано е да се пресадат дрвјата долж улицата „Белградска“
Проблемот сè уште не решен, а тоа беше и темата на денешната координативна средба на тема „Загрозување по животот и здравјето на луѓето и по материјалните добра од подземните води, одрон и рушење на потпорно-оградниот ѕид на улица „Белградска“, којашто ја свика директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, со претставници од надлежните институции: Министерството за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекцискиот совет, како и од Министерството за внатрешни работи.
Меѓу другото, било заклучено дека како привремено решение треба да се изгради ограден-попорен ѕид од страна на Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар. Исто така, било наложено, Град Скопје да изработи динамика и да започне активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР – Скопје, со што би се редуцирало движењето на тешки товарни возила, но и да пристапи кон пресадување на дрвјата на трасата на улицата „Белградска“, истовремено, при активностите за изградбата на потпорниот – ограден ѕид од страна на Министерството за здравство.
Додека, за трајно, долгорочно решавање на проблемот, Град Скопје, во координација со другите надлежни институции потребно е да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на што би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање, појаснуваат попладнево од ЦУК.
Воедно, ЦУК треба да побара извештај од водостопански инспектор при Министерството за животна средина и просторно планирање за намената и состојбата на руинираниот канал, каналскиот систем, на улицата…
Директорот на ЦУК, Ангелов на 10 јуни, годинава предупреди дека е урнат дел од потпорниот ѕид кај Клиниката за детски болести и тогаш нагласи дека уште пред година и половина до него стигнале пријави од неколку граѓани дека потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ е во лоша состојба, накосен е и постои опасност да падне. Тогаш од ЦУК веднаш биле известени сите надлежни институции: Министерството за здравство, Градот Скопје како и Општината Центар, МВР за преземање на потребните мерки за да се заштитат животот и здравјето на граѓаните, но за жал не било преземено ништо.
Од Општина Центар тогаш излегоа со соопштение, во кое остро ги демантираа „наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината“, префрлајќи ја одговорноста на Град Скопје, додека пак од Министерството за здравство нагласија дека е потребно да се најде заедничко решение со Град Скопје и Општина Центар, околу урнатиот потпорен ѕид кај Детската клиника.
Како што појаснија од Министерството за здравство, паднатиот потпорен ѕид зад Клиниката за детски болести е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на земјиштето.