На 1 октомври првото линеарно покачување на пензиите

Владата влегува во октомври со најавата дека септемвриската пензија ќе стигне со фиксен додаток од 1.000 денари, а исплатата почнува следната недела.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ова е „првичната корекција“ во рамки на новиот модел за линеарно зголемување, со втора рата од уште 1.000 денари напролет. Планот, според него, треба да заокружи „инвестициски циклус“ од вкупно 7.000 денари по пензионер — повеќе од ветените 5.000 во кампањата.

Ова е трет пат за една година пензиите да растат со фиксен износ: во септември 2024 тие беа зголемени за 2.500 денари, толку и во март 2025 — сега следи 1.000, па уште 1.000 на пролет. Но зад политичката граматика „дај на сите еднакво“ остануваат две чувствителни прашања. Прво, линеарното покачување реално им носи релативно поголем пораст на најниските примања, но со растечката инфлација на услуги (здравство, енергенси) пензионерската кошница и натаму лесно го „јаде“ ефектот на номиналните дополнувања.

Второ, трајната формула за усогласување — индексацијата по трошоци на живот и просечна плата — и натаму е заматена во политички календар: ад-хок линеарни додатоци звучат подобро на прес, отколку што изгледаат во табели на одржливост на Фондот.

Зачлени се на нашиот е-билтен