Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На Агенцијата за хуманитарна помош на ОН и бил забранет пристап до преминот Рафа во Газа

Агенцијата за хуманитарна помош на ОН денеска соопшти дека израелските власти ѝ забраниле пристап до граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, кој сега е под контрола на израелската армија.

– Рафа е на нишан, рече Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, на редовен брифинг во Женева.

– Израелските одбранбени сили ги игнорираат сите предупредувања што тоа би можело да значи за цивилите и хуманитарните операции низ Појасот Газа. Мислам дека е фер да се каже дека извештаите што ги добивме од колегите на терен се дека завладеала паника и очај, луѓето се преплашени, истакна тој.

Лаерке рече дека 76 отсто од Газа е под наредба за евакуација и на луѓето во Рафа не им е дадено доволно време да ги исполнат тие наредби.

Лаерке предупреди дека ОН и нивните партнери во Газа имаат гориво за еден ден, главно дизел за да управуваат со камиони и генератори.

Портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права Равина Шамдасани изјави дека Израел има обврски врз основа на меѓународното хуманитарно право на цивилите во Газа да им обезбеди пристап до медицинска нега, соодветна храна, вода за пиење и санитарни услови.

Таа го изјави ова неколку часа откако израелските сили ја презедоа контролата на граничниот премин Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

– Неисполнувањето на овие обврски се граничи со принудно раселување, што е воено злосторство, додаде таа.

За израелската операција во Рафа, таа рече дека постојат силни индиции дека таа го прекршува меѓународното хуманитарно право.

Зачлени се на нашиот е-билтен