Во Австрија, во градот Грац, родителите кои ги запишуваат своите деца во градинка се соочуваат со необична практика – формуларот за апликација бара од нив да изберат еден од шесте полови за своето дете! Покрај традиционалните „машки“ и „женски“, тука се и опциите „друго“, „интер“, „отворено“ и „неодредено“.
Според властите, овој потег е во согласност со федералниот закон, кој со години се прилагодува на новите стандарди за родова еднаквост. Сепак, оваа одлука предизвика силен отпор во јавноста, особено кај родителите и конзервативните политичари кои сметаат дека воведувањето на шест родови категории е апсурдно и непотребно.
Ситуацијата во Грац не е ненадејна и одлуката не е нова. Всушност, законската рамка која ја регулира оваа практика датира од 2022 година, а целта беше усогласување на административните документи со одлуките на Уставниот суд на Австрија, кои ги поддржуваа правата на интерсексуалните и родово неутралните лица.
Од градската управа наведуваат дека нивна обврска е да ги почитуваат федералните закони и дека оваа практика се применува во сите јавни институции кои работат со деца, вклучително и градинките и училиштата.