На денешен дена во 869 година, во Рим умрел Константин, познат под името Кирил Солунски, еден од творците на првата словенска азбука. Тој и неговиот постар брат Методиј, двајцата родени во Солун, преведувале библиски текстови и книги од грчки јазик на дијалектот на словенското население кое во тоа време живеело во овој град и во поголемиот дел од географска Македонија.
Како творци на првата словенска азбука, Кирил и Методиј, кои подоцна биле прогласени за светители, воделе жестока борба против застапниците на тезата дека постојат само три “светски јазици” кои можат да се употребуваат при вршење на верските обреди: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот.
Константин, односно Свети Кирил, бил роден бил во 826 (827) година.
Браќата, Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, во македонската, но и во европската историја. Нивното дело е револуција во дотогашната светска мисла дека христијанството може да се проповеда само на три јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
Со таа своја цел тие оствариле неколку мисии.
Мисии што го промениле светот
Прва мисија на Константин била мисијата кај Сарацените во Багдад (Арапска мисија), која имала државно-политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики на повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите. Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското Кнежество во Македонија (Брегалничка мисија). Доаѓајќи во Брегалничко, според легендата, Константин покрстил 54.000 Словени. Таму Константин ги уочил проблемите со кои се соочуваат Словените, со немањето своја азбука и неможноста да се употребува грчкото унцијално писмо и латиничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.
Во 860 година, Константин е испратен од Византија кај Хазарите на брегот на Црно Море (Хазарска мисија). Тие немале официјална религија. Кај хазарското население имало Евреи, муслимани, христијани и пагани (многубошци). Задача на Константин во оваа дипломатска и верска мисија била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј.
Во оваа мисија на Крим тие ги откриле моштите на папата Климент Први (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата „Св. Димитрија“ во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“ и химна за папата Климент. Дел од моштите Константин понел со себе. По успешната мисија кај Хазарите, Константин бил испратен во нова мисија кај Аланите, во градот Фула, на источниот брег на Црно Море. И оваа мисија успешно ја завршил покрстувајќи голем број пагани.
На покана на Ростислав, кнезот на Велика Моравија, Светите браќа заминале за Моравија. Тие биле речиси подготвени и за оваа мисија, зашто голем број од светите книги веќе ги превеле на словенски јазик. Тие избрале достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија. Таму биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи. Тука наишле на голем отпор од германски свештеници: обвинувани за ерес. Биле принудени да појдат во Рим и да го докажат своето правоверие.
Заминувањето во Рим
Во Рим биле примени со големи почасти од папата Адријан II. Тој ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на базиликата Голема Богородица и богослужби да се вршат на словенски јазик во три римски цркви. Кирил во Рим тешко се разболел и починал на 14 февруари 869 година.
Европски заштитници
Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
За животот и дејноста на словенските просветители, најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.
Во современиот свет тие се единствените личности што можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа.
Ако нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на папата Иван Павле Втори да ги прогласи за созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа.
Секоја година на 24 мај продолжува да се слави нивното дело, најмногу од словенските народи. Во
Во XI век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје.
24 мај – Денот на сесловенските просветители и учители или Ден на светите солунски браќа Кирил и Методиј е државен македонски празник.