Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност запленета е дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Две лица се лишени од слобода и против нив до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
„Случајот го следиме подолго време, што на крај успешно резултираше со откривање на криминалната мрежа која требало да оперира низ неколку држави. Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од Кумановско, на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион. Утредента едниот од нив го презема камионот и од локација меѓу Куманово и Паланка, оди кон Богородица. На Богородица е извршена детална контрола на камионот при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е откриена дрогата. Проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра“, кажаа денеска на граничниот премин Богородица претставници од Царина и од МВР.