Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На Скопје очајно му требаат ветените паркови

Скопје е еден од најзагадените градови во Европа и неопходни му се нови зелени површини – бели дробови кои ќе се справуваат со урбаното загадување. Со оваа порака сегашната градоначалничка Данела Арсовска, заедно со партијата која застана зад нејзината кампања ВМРО-ДПМНЕ ги освои гласовите на скопјани во 2021 година. Тие заеднички за време на кампањата во програмата „За Модерно Скопје“ покрај набавката на автобуси, модерен Луна парк, најубава зоолошка градина итн најавија и изградбата на пет нови „Мега“ – паркови во главниот град.

Петте општини на чии територии требаше да се градат новите паркови се Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров.

-Парковите ќе бидат лесно достапни, со дрвја и растенија, урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки, најавуваше Арсовска во рамките на првиот од вкупно 15 приоритетни проекти. Но дали на ваквиот проект таа му даде приоритет и по доаѓањето на функцијата? Од нејзиното одделение за односи со јавноста не одговорија на нашите прашања кои од наведените паркови се изградени и колку пари досега се потрошени за оваа намена?

Но според досегашните информации приказната почна добро, се преуреди дивата депонија во Ново Село, но наместо да се отстрани отпадот кој се таложел со децении, Арсовска заедно со градоначалникот на Ѓорче Претов Алескандар Стојкоски го затрупаа ѓубрето со земја, насадија дрвја, поставија клупи и тука активностите застанаа, но ако е за утеха барем овој е еден од парковите кои го виде светлото на денот на површина од 30.000 метри квадратни.



Арсовска на прес конференција информираше дека вкупната вредност на проектот изнесува 68.500.000 денари. Во изведбата на првата фаза се вклучија и јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ чии екипи ги трасираа пешачките и велосипедските патеки, но и просторот за останатите содржини.

Потоа Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се скараа, а таа и тогашниот директор на Водовод и канализација , сегашен министер за локална самоуправа Златко Перински и премиерот Христијан Мицкоски од најдобри другари станаа непријатели и започна да се распаѓа градот.

Три години подоцна, зелените површини и понатаму му се прекупотребни на Скопје чии граѓани досега не ја добија можноста да уживаат во новите паркови кои требаше да бидат изградени по примерот на Градскиот парк.

Следните два, во општините Чаир и Аеродром, прашање е дали може да сметаат како комплетирани, бидејќи им недостасуваат многу од ветените реквизити и се направени на веќе постоечка зелена површина. Изградбата на претпоследниот парк, во Кисела Вода, започна минатата зима но потоа се преобрази во обрасната џунгла. А, за последниот парк, најавуван во Гази Баба, но префрлен во Карпош, дури минатиот викенд беа забележани градежни активности.

-Продолжуваат градежните работи на новиот мега-парк во општина Карпош, зелен појас што ќе се простира на површина од 86.000 метри квадратни, информираа неодамна од Град Скопје. Оттаму не соопштија кога воопшто почнала изградбата на овој парк ниту на кој точно простор ќе се протега, но тврдат дека се уредува и се чисти запуштениот простор, кој беше непристапен и обраснат, а сега прераснува во парк „со чија реализација како проект и дел од програмата ‘За модерно Скопје’, делуваме со цел долгорочно унапредување, заштита и зачувување на животната средина“. Во паркот покрај зелениот појас, дрвјата и садниците, предвидена е изградба на пешачки патеки и паркинг за посетителите, нова урбана опрема и паркови за миленици. Посветено се работи на подигнување и уредување зелени, модерни и еколошки содржини во градот, кои се дел од долгорочните решенија за почиста животна средина и почист воздух за граѓаните на Скопје – соопштија од Градот.

Паркот на територијата на општина Чаир неколку пати го најавуваше Арсовска, а почна да се расчистува теренот во март минатата година, што беше и тема на заедничката прес конференција на Арсовска и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кои информираа дека во паркот меѓу другото, ќе има нови 500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и цветни градини.

Паркот требаше да има зелена површина од 21.000 метри квадратни, додека на останатиот дел е предвидено да се изградат две спортско-рекреативни игралишта, два простора за домашни миленици, како и фитнес простор. За жал до денес граѓаните на општината уште газат кал, а паркот треба да се простира помеѓу улиците Македонско-косовска бригада, Втора Македонска бригада и Џон Кенеди. Иако таму веќе постоело маало зеленило, ветени беа:

500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и тревник 2 нови спортски игралишта, нови 2 детски игралишта, 2 паркови површини за миленици, еден фитнес дел, 26 нови летниковци, нови урбана опрема, пешачки патеки и фонтани.

Реалната состојба со мега паркот во Чаир е далеку од предложениот проект или од изгледот на Градскиот парк. Има само два летниковци од планираните 26, ни близу до 500 нови дрва не се насадени, а фали и уште едно игралиште и еден простор за деца. 

-Ве информираме дека Општина Чаир учествуваше во остварувањето на оваа соработка само со решавање на можните имотно-правни спорови и издавање на сите потребни дозволи пред започнување на изведбата. Сите понатамошни постапки се под надлежност на Градот Скопје и ЈП „Паркови и Зеленило“. Според нашите информации, проектот е реализиран, но од страна на граѓаните секојдневно добиваме поплаки за реализацијата на овој проект, велат од општина Чаир за Рацин.мк.

Од општината Гази Баба неколку пати досега се жалеа во јавноста дека најавениот парк не е изграден и се пожалија дека соработката со Град Скопје е на историски најниско можно ниво и дека очекуваат дека Градот Скопје ќе посвети повеќе внимание на реализација на проектите кои се ветени од страна на градоначалничката Арсовска, на нашите прашања не одговорија, но дали градоначалникот заборави дека токму Арсовска беше негова кандидатка и има еднаква одговорност пред граѓаните ако некој проект е ветен, а не е реализиран?

За жал слична е ситуацијата и во општина Кисела Вода. Од кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за Рацин.мк не одговорија на прашањата до објавувањето на оваа сторија, но знаеме дека во моментов активностите за реализација на изградбата на мега парк во оваа општина се на административно ниво бидејќи Ѓорѓиевски и Арсовска се најголеми непријатели во последниот период, особено што тој беше иницијатор да и се одземат надлежностите на Арсовска, како дел од неговата лична кампања за иден градоначалник на Скопје.

Инаку во Кисела Вода овој парк требаше да се гради кај ново пуштената улица Есенинова, којашто ги спојува населбите Пролет и Кисела Вода. Лани на 12 декември наводно започна е изградбата на паркот, но очигледно дека реализацијата е запрена. Онаму каде што започнале со работа багерите и камионите, сега има високи треви и џбунови.

Старо-новиот парк во Ново Лисиче, пак, се наоѓа меѓу „Рајскиот парк“ направен од поранешниот градоначалник Коце Трајановски и паркот „Авионче“. Она што Арсовска успеа да изгради е да ја позелени површината од околу 800 меѓу булеварот АСНОМ и седиштето на ФФМ. Дополнително, покрај садниците може да се најдат и неколку летниковци но нема ништо повеќе од тоа. 

Проблемот, според Призма, е тоа што според „урбанистичката документација покажува дека дел од ова зеленило и некои елементи се наоѓаат на трасата каде што треба да се направи вториот крак од булеварот АСНОМ.“ Во случај да се продолжи проширувањето на булеварот во иднина, тоа ќе значи дека дел изградениот парк ќе биде уништен.

Од општина Аеродром рекоа дека како што знае целата јавност, и наме треба да ни бидат добро познати односите меѓу општината и Арсовска, и дека немаат информации што се случува со Мега паркот. Нашиот репортер на терен се сретна со граѓаните кои велат дека пред две-три години се засадени мал број на дрвца во постоечкиот парк, но дека во лето никој и не се грижи да ја искоси тревата.

Конкретна информација за реализацијата на предизборното ветување за петте мега паркови, немаат ниту советниците од Град Скопје кои ги контактиравме, велат дека Арсовска не исполнила многу други круцијални делови од нејзината програма, а дека парковите пак и се последната мисла во денот.

Од О2 Иницијатива, постојано повторуваат дека зеленилото е клучноза нашиот здрав живот во градот и како такво потребно е да го имаме рамномерно распространето низ целиот град. Сепак, сметаат дека во нашиот главен град нема доволно зелени површини, а при тоа, проблемот не е само површината на зеленило по жител туку и неговата достапност онаму каде живееме.

„Потребни ни се мали паркови насекаде низ градов, како и големи паркови во разни делови. Денешните препораки за стандард на зеленило одат во насока на обезбедување на рамномерно достапно зеленило. СЗО препорачува најмалку 0,5 – 1 хектар јавна зелена површина во радиус од 300 метри од домот на секој жител. Во Скопје ова не е возможно, но потребно е да се обезбедат колку е можно повеќе мали паркови низ сите населби во градов како мали оази и подигнат големи низ различните реони. Во тек се предлог-измени во Законот за урбано зеленило со кои би се обезбедиле најмалку 25 м2 под јавно зеленило и најмалку 50 м2 под севкупно (јавно и останато) зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на градот, како и 30% зеленило во рамките на секоја градежна парцела. Тогаш новиот ГУП на град Скопје би ги вградил овие стандарди во новиот план за градот“, велат тие.

Освен изградба на пет нови мега паркови, Арсовска најавуваше и садење на сто илјади дрвја годишно, мерките со кои главниот град требаше да се „зазелени“ беа срочени во таканаречениот Нов зелен план, но поради оскудната отвореност на Градот, неизвесно е до каде е нивната реализација.

Што значи „Мега парк“

Инаку терминот „мега парк“, не е соодветен на важечката номенклатура ниту во Законот за урбано зеленило, ниту во Правилникот за урбанистичко планирање. Најголема зелена градска инфраструктура е т.н. „градски (голем) парк“ со површина од 20 до 200 хектари и достапна површина од 10 м2 по жител, а се подига во рамките на станбени реони.

Помали зелени површини се „реонски (градски) парк“ во рамките на станбените четврти, „локален (среден) парк“ во рамките на урбани блокови, во чии рамки може да има и „блоковско зеленило“ и „зелени плоштади, мали зелени скверови и џебни паркови. Според дефиниција, парковите се зелени површини од класа на намена „Д“, што значи дека мора да содржат пред сѐ дрвја, грмушки и тревнати површини. Гледано од стручен аспект, за да се изградат паркови кои би претставувале место каде граѓаните вистински би можеле да се релаксираат, таа вели дека во одреден процент треба да има пешачки патеки, но тоа не значи дека поголемиот дел од паркот треба да биде бетониран.

Изградба на паркови значи инвестирање во здрава животна средина и здрави луѓе, кои живеат квалитетен живот во допир со природата, што ги прави задоволни и среќни. Зеленилото обезбедува кислород, влага и сенка во горештините, го намалува загадувањето на воздухот и бучавата, истовремено со збогатување на биодиверзитетот на местото, нудејќи допир со природата кој делува благотворно на севкупното, а посебно на менталното здравје. Овие влијанија се особено изразени кај жените, децата и повозрасната популација. Дополнително, парковите се место за дружење, спортски активности и рекреација, а со оглед на естетската функција, тие го разубавуваат градот и имаат свој придонес и за туризмот.

Значењето на парковите први во Европа официјално го признале Англичаните и го донесле првиот акт за заштита на зеленилото во Лондон уште пред повеќе од еден век. Тој пример го следеле и други градови, како Виена, Берлин, Амстердам, Копенхаген, Стокхолм, Љубљана и др., кои до денес имаат огромни градски површини под зеленило, над 40%. Само споредбено, земјите од Источна Европа и Балканот, имаат само по 10-15% зеленило.

Уреди: Соња Таневска

Фотографија: Надица Ангеловска

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново