На Тајван се потврдени првите случаи на африканска свинска чума, соопшти Министерството за земјоделство. Како превентивна мерка, уништени се 195 свињи на фарма во крајбрежниот град Тајчунг, а областа е ставена под строги санитарни контроли.
Фармата е целосно исчистена и дезинфицирана, а во радиус од три километри е воспоставена заштитна зона. Од среда напладне на целото острово е воведена петдневна забрана за движење и колење свињи.
Министерот за земјоделство Чен Ѓун Ѓи изјави дека сојот на вирусот ќе биде изолиран и пријавен до Светската организација за здравје на животни, истакнувајќи дека е неопходна максимална претпазливост за да се спречи ширење на заразата.
Африканската свинска чума е речиси секогаш смртоносна за свињите, но не претставува опасност за луѓето. Властите предупредуваат дека нелегалниот увоз на свински производи е најверојатен извор на инфекцијата.
Во 2019 година, милиони свињи беа уништени во Кина и Виетнам поради ширење на истиот вирус, кој и денес е активен во делови од Азија, вклучувајќи ја Јужна Кореја.