Националниот ден на Грција беше одбележан со прием на кој присуствуваа повеќе од 600 гости од Северна Македонија, а во фокусот на обраќањето на грчката амбасадорка Софија Филипиоду беа солидарноста, довербата меѓу двете земји, Преспанскиот договор и економската соработка. На настанот присуствуваа претставници на државните и локалните власти, политичкиот систем, дипломатската заедница, граѓанскиот сектор, културниот, бизнис и академскиот свет, младите, како и грчката заедница.
Посебно место на приемот им беше дадено на гостите од Кочани, чие присуство, имаше силна симболична вредност. Меѓу нив беше и здружението на родители „16 Март 2025“, градоначалникот на Кочани, наставниците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“ и членови на локалната заедница. Во пораката беше оценето дека нивното присуство е потсетник за врските на солидарност и пријателство меѓу двата народа.



Во својот говор, амбасадорката Филипиоду се осврна на вредностите на слободата, достоинството и солидарноста, кои ја обележале Грчката револуција од 1821 година. Таа нагласи дека во сложена глобална средина е важно не само да се памети историјата, туку и да се гледа кон заедничка иднина изградена врз доверба, соработка и меѓусебно разбирање.
Посебен акцент беше ставен на Преспанскиот договор, кој беше опишан како темел на довербата меѓу Грција и Северна Македонија, со повик за негова целосна и доследна примена. Воедно, беше посочено дека економската соработка бележи напредок, при што билатералната трговија се приближува до една милијарда евра, а како значајни проекти беа наведени гасниот интерконектор, нафтоводот „Вардакс“ и Коридорот 10. На приемот настапи и танцовата група на Ликејон тон Елинидон од огранокот во Флорина.



