Над 20 илјади граѓани заминаа во странство за викендот

Продолжениот празничен викенд повторно ја наполни Богородица и другите гранични премини, а бројките покажаа истото што Македонија го гледа при секој слободен ден: илјадници граѓани спасот од секојдневието го бараат надвор од државата. Според податоците што ги објави МВР, над 20 илјади македонски граѓани викендов го минуваат во странство.

Најголем притисок имало на граничниот премин Богородица, каде во земјата влегле 1.224 македонски граѓани, а излегле 7.954. На Блаце, пак, во истиот период влегле 1.979 македонски државјани, додека 3.040 ја напуштиле државата. Овие бројки јасно покажуваат дека празничниот бран не е исклучок, туку навика што се повторува при секој продолжен викенд.

Од МВР уверуваат дека во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за забрзување на протокот на патници, но сликата од терен повторно ја отвори старата дилема: дали граничната инфраструктура и организацијата можат да одговорат на сезонскиот налет без километарски колони и часови чекање.

Овој викенд не е само приказна за патување, туку и за навиките на граѓаните. За едни, Грција, Косово или соседството се кратко бегство. За други, тоа е поевтин одмор, шопинг или начин празникот да се помине подалеку од домашната скапотија. Но бројката од над 20 илјади луѓе за само еден викенд зборува и за нешто подлабоко: Македонија сè почесто се празни дури и кога луѓето заминуваат само на неколку дена.

Зачлени се на нашиот е-билтен