Над 20 убиени во израелската операција во јужна Сирија, соопшти Дамаск

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека спровеле операција во текот на ноќта во јужна Сирија за апсење на двајца членови на екстремистичката група Џемаа Исламија.

Најмалку 20 лица се убиени во израелската операција во југозападна Сирија, соопшти денеска сириското Министерство за надворешни работи, цитирано од ДПА.

Здравствените власти во покраината Дамаск соопштија дека ја потврдиле смртта на 10 цивили и ранувањето на 22 други лица по израелскиот напад врз селото Беит Џин, во близина на Голанската Висорамнина, анексирана од Израел.

Судирите започнаа кога израелските војници влегоа во селото рано утринава.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека спровеле операција во текот на ноќта во јужна Сирија за апсење на двајца членови на екстремистичката група Џемаа Исламија. ИДФ соопшти дека осомничените планирале напади врз израелски цивили.

Израелската армија соопшти дека вооружени лица отвориле оган врз израелските војници, кои одговориле и добиле воздушна поддршка.

Шестмина израелски војници се ранети, од кои тројца имаат  потешки повреди, додека неколку милитанти се убиени, а сите осомничени се приведени, соопшти ИДФ.

Сириското Министерство за надворешни работи соопшти дека остро го осудува гнасниот напад, нарекувајќи го инцидентот „воено злосторство“ и „ужасен масакр во кој загинаа повеќе од 20 цивили, вклучувајќи жени и деца“.

Рами Абдел Рахман, раководител на Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права (SOHR), невладина организација со седиште во Велика Британија, рече дека тоа е најголемата израелска операција во Сирија од соборувањето на поранешниот диктатор Башар ал-Асад минатата година.

По падот на Асад, Израел распореди трупи во тампон-зоната контролирана од ОН помеѓу Голанската Висорамнина и територијата контролирана од Сирија, оправдувајќи ја мерката со потребата да се спречат радикални групи да се етаблираат во граничната област.

Според израелските медиуми, притворените членови на Џемаа Исламија и во минатото испукале ракети кон Израел. Групата е во сојуз со проиранската милиција Хезболах во Либан и палестинската екстремистичка група Хамас во Појасот Газа, објави ДПА.

Зачлени се на нашиот е-билтен