Повеќе од деведесет и пет отсто од пријавените кандидати за насоката медицинска сестра со настава на албански наставен јазик во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, се со сите петки. За 102 слободни места на оваа насока, во првиот уписен рок кој заврши вчера, се пријавиле 154 ученици, од кои дури 147 се скроз одлични. За да се изврши селекција, в петок сите пријавени ќе полагаат квалификациски тест по предметите биологија и хемија за материјалот од осмо и од деветто одделение.
„Освен за медицинска сестра, квалификациски тест ќе полагаат и кандидатите кои се пријавија за насоките забен техничар и фармацевтски техничар. За забен техничар се пријавени 51 ученик за 34 слободни места. Од нив, 44 се со просек 5,00. За фармацевтски техничар, пак, пријавени се 45 кандидати, од кои 40 се со 5,00, а слободни места имаме 34“, вели Хирмин Дуарку, директорот на „Панче Караѓозов“.
Тој информира дека во паралелките на македонски наставен јазик нема да има потреба од квалификациско тестирање.
„Таму имале 26 слободни места на насоката медицинска сестра, како и 8 слободни места на насоката забен техничар. За физиотеравпевтите е завршен уписот, таму веќе е пополнета паралелката“, додава Дураку.
За Мета.мк од МОН потврдија дека и во средното училиште „Димитар Влахов“ во Струмица, учениците кои се пријавиле за насоката медицинска сестра ќе полагаат квалификациски тест. Таму, за 34 слободни места се пријавиле 36 ученици, сите скроз одлични.
Квалификациското тестирање ќе се спроведе на 28 јуни во петок. Конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават на 28 јуни, на огласните табли во училиштата во кои ќе има вакво тестирање. Прашањата ги подготвуваат одговорните во МОН, односно во Бирото за развој на образованието.
Мета.мк вчера објави дека стручното образование станува сè поатрактивно. Во училиштето „Марија Кири Склодовска“, за 578 слободни места се пријавиле 438 ученици, а примени се 425. Директорот Дарко Спасев вели дека од година в година се запишуваат сè подобри и подобри ученици во однос на успехот во основното образование.
„Годинава запишавме најмногу ученици досега, со што се покажува дека нашето училиште е лидер во стручното образование. Интерес голем има за сите образовни профили, и за хемиски лабораториски техничари, за медицински лабораториски санитарни техничари, фармацевтски техничар и техничар за хемиски и козметички производи. Големиот интерес е резултат на атрактивноста на образовните профили. Учениците имаат практична обука кај работодавачи, а со тоа и шанса да се вработат по завршувањето на средното образование“, вели директорот.
Во ова училиште расте интересот и за образовниот профил болничар – негувател, каде што се учи три години.
„Учениците на овој образовен профил добиваат месечна стипендија од 3.500 денари. За да ја задржат истата, условот што треба да го исполнат е да имаат општ успех 3,00“, додава директорот.
Во „Георги Димитров“, пак, за 238 слободни места во гимназиските паралелки, се пријавиле 303 ученици. Сите примени се со просек 5,00. Како што вели за Мета директорот Саша Стоименов, поголем интерес од минатогодишниот има и за стручнните смерови.
„За насоката мебел и ентериер се пријавија 60 кандидати, а примивме 50. На насоката хортикултура имаме уште 14 слободни места, а за столар имаме 30 слободни места за во вториот уписен рок“, вели Стоименов.