Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Наџат Ел Хачми, добитничка на наградата „Bookstar“: Сексуалноста сè уште им потклекнува на нормите што ги поставува патријархатот

Со инспиративното обраќање на писателката Лидија Димковска, насловено „Со или без Please“ минатата вечер во ки­но­то „Фро­си­на“ во Младинскиот кутурен центар беше отворено 9. издание на фестивалот на европска литература „BookStar“, на кое гостите и публиката исто така ги поздравија и Mи­ни­стер­ка­та за кул­ту­ра Би­се­ра Ко­ста­ди­нов­ска Стој­чев­ска и Деј­вид Гир, ам­ба­са­до­рот на Европ­ска­та Уни­ја во Северна Ма­ке­до­ни­ја, кој ѝ ја до­де­ли на­гра­да­та „BookStar“ на На­џат ел Хач­ми (Шпа­ни­ја) за ро­ма­нот „Во по­не­дел­ник ќе нè са­ка­ат“.

Во книжевноста мора да се биде радикален, да се оди до крај

-Не можев да не се насмеам на мотото на овогодинешниот BookStar – Please Do Disturb!, односно на учтивото „Ве молиме“ во наредбата што речиси никој од нас во животот не може да ја слушне, а ни да му ја каже на некого. Напротив, сите ние претпочитаме да не нѐ вознемируваат, а и од нас се бара истото. Хотелските соби наместо Please Disturb имаат знак Please Clean the Room, иако би било вознемирувачки на кваката да се закачи знакот Please Disturb, па во собата да навали не само персоналот со правосмукалка, туку и секој кој ќе помине и ќе се почувствува поканет или повикан да „вознемирува“. И собата од стаклено ѕвоно за гостинот, да се претвори во арена на реалноста. Ама зошто и би го правеле тоа? Реалноста нѐ вознемирува и непоканета и неповикана, и, секако, без учтив тон. Реалноста нѐ урива како земјотрес, нѐ гори како пожар, нѐ разнесува како цунами, нѐ топи како санта мраз, нѐ повредува како сообраќајна несреќа, нѐ измачува како неизлечива болест, нѐ убива како војна – вака го почна своето обраќање Димковска за да заклучи дека во уметноста, во книжевноста мора да се биде радикален, да се оди до крај, дека писателот мора да се надмине себеси, да ги истисне сите немоќи и моќи од сопственото битие, да се нурне во заумните пространства на реалноста и во реалните пространства на заумот.

Лидија Димковска

Димковска потенцираше дека литературата треба да го предизвикува и да го прави сето она што животот не смее да го прави.

-Да биде земјотрес, да биде пожар, да биде поплава, да биде болест, да биде војна, да биде смрт. Да вознемирува за да смири, да урива за да гради. Да удира во карпата на системот, поткопувајќи го, да ја проветрува традицијата која во своите убави старински рамки содржи слоеви патријархална боја во однос на многу нешта и на многу човечки битија, да го преиспитува концептот на сето она што ограничува, затвора, не восприема, игнорира или омаловажува, не со реферати за колективни истории туку со приказни за човечки стории. Во ангажираноста на литературата верувам тогаш кога таа на суптилен и литераризиран начин ја пренесува личната сторија на мало парче од колективната историја – рече Димковска.

А добрата литература го прави токму тоа. И од отворањето на фестивалот „BookStar“ беше испратена токму таа порака – книжевноста треба да вознемирува!

Публиката ја поздрави и Деј­вид Гир, ам­ба­са­до­рот на Европ­ска­та Уни­ја во Ма­ке­до­ни­ја, кој инспириран од обраќањето на писателката Лидија Димковска не го прочита својот подготвен говор, туку кажа дека писателите се тие што треба да зборуваат затоа што тие имаат што да кажат и знаат тоа најдобро да го направат. Тој зборуваше за своите први искуства со читањето и рече дека не е важно дали кога читаат децата го разбираат тоа што го има во книгите, ама дека мора да продолжат да го прават тоа, затоа што еден ден ќе се навратат на прочитаното и тоа ќе им стане јасно.

Дејвид Гир, Костадиновска Стојчевска и Наџат Ел Хачми

-Задоволство ми е да ве поздравам на почетокот на ова одржување на фестивалот BookStar, поддржано од делегацијата на ЕУ – и тоа со добра причина. Среќен сум што ова издание на BookStar се одвива истовремено со кампањата на делегацијата на ЕУ за промовирање на македонскиот јазик и литература. А и пред 10-тото издание на наградата на ЕУ за млади преведувачи – Вавилон . Околу 420 романи на европски писатели досега се преведени на македонски јазик и објавени со поддршка од ЕУ. Да ја зајакнеме оваа културна размена.

Разновидноста на Европа – во културата, во јазиците и во мислите – е нашата најголема предност. Таа е извор на креативност, иновација или инспирација – рече амбасадорот Гир.

Тој ѝ честиташе на добитничката на годинешната награда на BookStar, Наџат Ел Хачми, а на учесниците им посака инспиративна размена во текот на целиот фестивал, а на љубителите на книги да уживаат во многу нови добри четива.

Не постои свет во кој жените не треба да бидат загрижени затоа што се жени

По поздравните обраќања на сцената застана до­бит­нич­ка­та на на­гра­да­та „BookStar“, На­џат ел Хач­ми, а на те­ма­та „Да се би­де (по­и­на­ква) же­на“ таа раз­го­ва­раше со Ана Јо­вков­ска, но­ви­нар­ка и кни­жев­на истра­жу­вач­ка, и Але­ксан­дар Ма­џа­ров­ски, по­ет, пре­ве­ду­вач и јут­ју­бер поз­нат ка­ко Чи­та­чот. Таа е мароканско-шпанска писателка која пишува на феминистички теми. Родена е во Надор (Мароко) во 1979 година.

На осумгодишна возраст емигрирала со своето семејство во Каталонија. Студирала арапска литература на Универзитетот во Барселона. Почнала да пишува кога имала дванаесет години, на почетокот од забава, а подоцна и како начин за изразување на сопствените размисли, но и за фрлање поинаква светлина на сопствената реалност составена од (најмалку) две култури на кои припаѓа.

-Живееме во време кога многу се зборува за менталното здравје, веројатно затоа што некои проблеми во општеството сè уште не се надминати. Жените дури и во општества што би требало да бидат отворени, како што е Шпанија, каде што денес живеам, и каде што иако има силно феминистичко движење, жените се соочуваат со дискриминација, дури и силувања и убиства. Тие не го контролираат сопственото тело, тоа му припаѓа на сопругот, на семејството, на околината. За сексуалноста не се зборува отворено, таа сè уште им потклекнува на нормите што ги поставува патријархатот – рече Наџат.

Таа истакна дека не постои свет во кој жените не треба да бидат загрижени затоа што се жени и дека таков свет посакува и се обидува да создаде низ своите книги.

Книгата „Во понеделник ќе нè сакаат“, која како ѝ нејзините останати дела е феминистичка лектира како во Шпанија така и во остатокот на Европа. Романот се објави истовремено на каталонски и на шпански јазик во 2021 година и точно две години подоцна се појави и на македонски во превод на Лара Прокопиева. „Во понеделник ќе нè сакаат“ ја понесе наградата „Надал“ во 2021 година, најстарото признание за литература во Шпанија кое се доделува за најдобар необјавен роман на шпански јазик, а во октомври 2023 година оправдано ја добива и наградата „BookStar“ за најзначаен роман објавен во Македонија помеѓу две фестивалски изданија.

Ние во регионот имаме заедничка младост, но и заедничка транзиција

Во ки­но­то „Фро­си­на“, Иван Шо­пов и Але­ксан­дар Ма­џа­ров­ски синоќа раз­го­ва­ра­а со Дра­го Гла­му­зи­на (Хр­ват­ска) и со Бран­ко Ро­сиќ (Ср­би­ја) на те­ма­та „За што да би­де глас­на ре­ги­о­нал­на­та кни­жев­ност?“. Во фокусот беа нивните нови книги, но и ре­ги­о­нал­на­та кни­жев­ност како еден егозотичен па­кет за Евро­па и светот.

-Факт е дека на овие простори постои заедничко наследство, некои заеднички кодови, поврзаност, но секој писател треба да го најде својот глас и да тоа што го прави да го прави најдобро што може. Точно е дека надвор од регионот се бара нешто егзотично, нешто што е типично регионално, некои војни, транзиција, тоа полесно поминува во странство, но не мислам дека само поради тоа сите треба да пишуваме на тие теми – рече Гламузина.

Според Росиќ, ние на Балканот имаме заедничка младост, но и заедничка транзиција, и тоа е она што не поврзува.

-Во Европа од регионалната книжевност се бара некоја специфика, некој дефект, во спротивно не е интересна. Во Кан победуваат филмови што се занимаваат со калта овде, таму сигурно нема да помине некој „Трејнспотинг од Тетово“ – се пошегува Росиќ во својот препознатлив шармантен стил, карактеристичен и за неговата литература.

Тој додаде дека живееме во време без идеологија, дека за револуција се потребни фронтмени ама такви нема затоа што денес младите се попрактични, гледаат дека револуцијата не е рентабилна.

И двајцата се согласија дека литературата треба да има субверзивна моќ, а не само да забавува, дека мора да се занимава и со сегашноста, иако не преку хроничарски новинарски пристап туку да навлезе подлабоко.

Зачлени се на нашиот е-билтен