Снимка од безбедносна камера го открила моментот на нападот во Куманово, напаѓачот е сам, а жртвата се опоравува од повредите.
На социјалните мрежи се појави снимка од безбедносни камери на која се гледа моментот од денешното пукање во Куманово, кога непознато маскирано лице со пиштол пукало кон автомобил „Фолксваген голф“ во движење.
На видеото се гледа како напаѓачот, облечен во качулка, се доближува до автомобилот со кој се возел д-р Зеќирија Шахини – носител на листата на ДУИ за советот на Општина Липково – и неколкупати пука кон него.
Наспроти првичната информација од МВР дека нападот го извршиле двајца напаѓачи, снимката покажува дека пукачот бил сам.
Д-р Шахини, лекар-пулмолог на скопската Клиника за пулмологија, бил ранет во ногата. Министерството за здравство соопшти дека неговата состојба е стабилна и дека закрепнува.
Од опозициската ДУИ нарекувајќи го нападот ваврарски чин на насилство, остро го осудија и побараа од полицијата и обвинителството веднаш да гo пронајат и да го казнат сторителот.
„Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, пишува во соопштението на ДУИ.
Од партијата апелираат со сите нивни поддржувачи, симпатизери и граѓани да останат смирени, да не подлегнуваат на провокации и да ја покажат зрелоста што отсекогаш ја карактеризира нашето движење.
„Во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, нашата партија одлучи да ги прекине сите денешни активности, a институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот“