Американските нафтени компании му испраќаат јасна порака на Доналд Трамп: големи инвестиции во Венецуела нема да има без сериозни правни и финансиски гаранции од Вашингтон. Според објави на меѓународни медиуми, извршни директори и висок менаџмент од енергетскиот сектор очекуваат на состанок во Белата куќа в петок, 9 јануари, да побараат државата да преземе дел од ризикот, затоа што играта во Венецуела е „преполна со минско поле“ – од договори и санкции, до сопственост и политички пресврти.
Притисокот од Белата куќа доаѓа во момент кога Трамп турка план за оживување на венецуелската нафтена индустрија и за редизајн на глобалните енергетски текови, со најава дека венецуелската сурова нафта би се пренасочувала кон американските рафинерии на Мексиканскиот Залив. Во јавните настапи тој зборуваше за можност компаниите да бидат „компензирани“ – или директно од владата или преку модели поврзани со приходи – ако влезат во ризичните инвестиции. Паралелно, од Вашингтон дојдоа сигнали за постепено олеснување на дел од санкциите и за отворање простор за американски компании за нафтени услуги да работат во земјата, но без гаранции што би важеле и надвор од дневната политика.
Скепсата кај нафташите, според извори блиски до разговорите, не е идеолошка туку калкулативна. Венецуела е пазар со огромни резерви, но и со репутација на држава каде правната сигурност е кршлива, а договорите лесно стануваат политички трофеј. Во приватни разговори, инвеститори предупредуваат дека доволен е еден непредвидлив политички потег за да се промени целата надворешна политика – и со тоа да се смени и сметката за ризик, проектите и капиталот. Дополнителен товар е и прашањето за историските експропријации и нерешените побарувања на американски компании од пред две децении: ако Вашингтон бара брзо враќање во Венецуела, дел од индустријата бара „чиста линија“ – гаранции за обесштетување и механизми што ќе ги штитат вложувањата.
Во таа слика, „Шеврон“ е специфичен случај, затоа што е единствената голема американска компанија што и досега функционираше во Венецуела преку посебни лиценци и аранжмани, но токму искуството на теренот ја храни претпазливоста. Финансискиот врв на компанијата, според медиумските извештаи, не сигнализирал брза експанзија и останал внимателен во проценките, додека се бараат појасни правила за продажба, извоз и договорни обврски.
Зад сите разговори стои уште еден фактор што не е под контрола на ниту една администрација: цената на нафтата. Дури и кога политиката би била стабилна, големите капитални вложувања се тешки за оправдување во услови на пониски цени и на инфраструктура што бара огромни вложувања за да се врати производството. Дел од проценките во западните медиуми одат дотаму што обнова на секторот би била проект на деценија, не на мандат.
Со тоа, планот на Трамп влегува во судир со ритамот на индустријата. Белата куќа сака брз ефект – повеќе барели, побрза преработка, поголема контрола врз пазарот – а компаниите бараат договори што ќе преживеат избори, твитови и геополитички пресврти. Во петок ќе се види дали администрацијата ќе понуди рамка што ги смирува акционерите и бордовите, или ќе остане на политичка реторика. До тогаш, пораката од нафташите е проста: без цврсти гаранции, Венецуела останува премногу скапа лекција.