Глобалната цена на нафтата влегува во зона што ја враќа економијата во логиката на кризи: раст што не е „пазарен циклус“, туку премија за страв. Барелот Брент во еден ден порасна за повеќе од 9% и се искачи над 93 долари, највисоко ниво од есента 2023, додека од Персискиот Залив стигна порака дека при продолжување на војната цената може да отиде и до 150 долари за барел.
Клучниот тригер не е само поскапувањето, туку сценариото за прекин на производството и извозот. Во Заливот, дел од производството и логистиката веќе се соочуваат со прекини, а се предупредува дека ако конфликтот продолжи, извозниците ќе мора да запираат, прво складирајќи ја нафтата, па потоа гаснејќи ја продукцијата кога складиштата ќе се наполнат. Во истиот пакет влегува и гасот, кој во вакви кризи расте паралелно со нафтата и ја засилува инфлациската спирала.
Зад сите бројки стои една географска точка што ја држи светската економија „за грло“: Ормускиот теснец. Низ него во 2024 во просек поминувале околу 20 милиони барели дневно, односно приближно една петтина од глобалната потрошувачка на нафтени течности, а алтернативните рути имаат ограничен капацитет и не можат брзо да ја заменат блокадата.
Во таква математика, нафтата не ги поскапува само горивата. Таа ги поскапува и транспортот, греењето, храната и увезената стока, бидејќи дизелот е трошок вграден во цел синџир – од камион до рафт, од земјоделска нива до пекара. Затоа и стравот од долга војна се чита како страв од нов инфлациски удар во големите економии, токму кога трендовите на инфлација се обидуваат да се „смируваат“.
Македонија, како увозно зависен пазар, ќе ја почувствува кризата во три бранови. Првиот е ценовниот: кога светските котации на деривати ќе останат високи неколку дена, тоа се прелева во домашните цени со задоцнување, преку регулаторниот циклус и ценовните пресметки. Вториот е логистички: ако регионалните ланци на снабдување се стегнат, најранливи се малите пазари со ограничени складишта и висока дневна потрошувачка. Третиот е психолошки: паниката создава недостиг и таму каде што системски има количини, затоа што „сите точат однапред“ кога ќе слушнат дека „снемува“.
Токму овој трет бран веќе се виде деновиве, кога дел бензински станици во Скопје не точеле дизел, а на терен се појавија и редици и затворени пиштоли, што го запали сомнежот дека има прекин во испораките. Во исто време, од Владата и од финансискиот ресор стигна порака дека нема место за паника, дека залихите се стабилни и дека инспекциските служби контролирале над 100 пумпи во едно деноноќие, со најава дека државата има алатки и за акцизата ако цените „драстично“ пораснат.
Ова е политичкиот парадокс на секоја енергетска криза: јавноста бара „сѐ е под контрола“, но контролата се мери во моментот кога граѓанинот ќе притисне пиштол и ќе чуе „нема“. Ако барелот навистина се движи кон 100+, а уште повеќе кон 150 долари, тогаш домашниот проблем ќе биде двоен – поскапа цена и потреба да се држи довербата дека системот функционира, за да не се произведе недостиг од страв.