Цената на суровата нафта денеска се спушти под 100 долари за барел, а Брентот се движеше околу 98 долари, откако пазарите реагираа на сигналите за можни нови разговори меѓу САД и Иран. Но во Македонија тоа не значи автоматско и брзо поевтинување на горивата. Според најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од 15 април Еуросупер 95 ќе се продава по 82 денари, Еуросупер 98 по 84 денари, а дизелот по 95,5 денари за литар.
Домашните цени навистина се намалија оваа недела, но остануваат високи. РКЕ соопшти дека ги намалува малопродажните цени во просек за 2,73 проценти во однос на одлуката од 6 април, кога дизелот скокна на 98 денари за литар, а Еуросупер 95 на 83,5 денари. Со новата корекција, бензинот 95 падна на 82 денари, а дизелот се врати на 95,5 денари, што е исто ниво на кое беше и на 30 март. Тоа значи дека по еден бран раст и по едно намалување, дизелот практично се врати на старата висока цена, наместо да следи подлабок пад.
Причината е што македонската формула не го следи само дневниот пад на суровата нафта. Според правилникот на РКЕ, цените кај нас се пресметуваат врз основа на просечните котации за медитерански нафтени деривати „FOB Italy“ објавени во Platts за седумдневен период, а во формулата влегува и курсот денар-долар. РКЕ секоја недела прави нова пресметка, па еднодневен пад на барелот не се пресликува веднаш на пумпите. И самата Комисија денеска наведе дека во споредба со претходната пресметка референтните цени на светскиот пазар паднале во просек за 2,703 проценти кај бензините и 3,251 проценти кај дизелот, додека курсот на денарот кон доларот бил понизок за 0,7165 проценти.
Во домашната цена не влегува само увозната набавка. Во одлуката на РКЕ за дизелот, покрај највисоката набавна цена од 67,073 денари за литар, се вклучени и надоместок за складирање и трговска маржа од 6,915 денари, транспорт од склад до бензинска станица од 1 денар, надоместок за задолжителни резерви од 0,300 денари, еколошки надоместок од 0,030 денари и акциза од 11,50 денари за литар. Кај бензинот 95, само акцизата изнесува 20 денари за литар. Затоа падот на суровата нафта не може еден спрема еден да се види на малопродажната цена.
Владата во овој случај само козметички помага да се одржи пониска цена наместо да ги регулира и „скриените трошоци“.