Нафтата поефтинува, Македонија ќе чека следен понеделник

Трамп

Светските цени на нафтата повторно тргнаа надолу, откако на пазарите се појавија информации дека Меѓународната агенција за енергетика разгледува досега најголемо ослободување на стратешки резерви. Во таква атмосфера, „Брент“ се спушти на 86,92 долари за барел, а американската WTI на 83,1 долари, по претходните силни турбуленции предизвикани од стравувањата за нарушено снабдување од Блискиот Исток.

Пазарот реагира на можноста дел од шокот да се ублажи со пуштање дополнителни количини нафта, особено поради ризиците околу Ормутскиот теснец, низ кој минува значаен дел од светскиот нафтен проток. Проценките што ги пренесуваат финансиските медиуми се дека евентуалната интервенција би можела само привремено да го смири растот на цените, но сепак беше доволна за дневен пад на котациите.

Но, тоа поевтинување нема веднаш да се почувствува на бензинските пумпи во Македонија. Регулаторната комисија за енергетика на 9 март донесе одлука со која малопродажните цени во земјава се зголемија во просек за 14,27 отсто, а од 10 март важат цени од 79,50 денари за Еуросупер 95, 81,50 денари за Еуросупер 98 и 85,50 денари за дизел.

Клучниот проблем за домашните возачи е што цените кај нас не се менуваат во чекор со секое дневно движење на светските берзи. Со измените на правилникот од 4 март, РКЕ утврди дека седница за највисоките малопродажни цени одржува секој понеделник, што значи дека евентуалниот пад на светската нафта ќе може да се преточи во пониски цени дури со следната редовна пресметка. До тогаш, Македонија останува на повисоките цени донесени на почетокот на неделава, иако надворешниот пазар веќе покажува знаци на смирување.

Зачлени се на нашиот е-билтен