Во екот на растечките тензии меѓу Западот и Русија, Европската Унија ги повика граѓаните на своите 27 земји-членки да подготват пакети за преживување за 72 часа во случај на екстремни итни ситуации, вклучувајќи и можни воени конфликти.
Иницијативата ја претстави еврокомесарката за управување со кризи Хаџа Лабиб, нагласувајќи дека целта е јакнење на отпорноста на Европа кон меѓусебно поврзани закани. Според препораките, секој граѓанин треба да има резерви од флаширана вода, конзервирана храна, батериска ламба, кибрити, енергетски плочки, лични документи во водоотпорна торбичка, готовина, лекови, швајцарски нож, радио на батерии и други потрепштини.
„Знаењето што да се направи во случај на опасност спречува паника“, истакна Лабиб, потсетувајќи на паниката и празните полици од првите денови на пандемијата.
Европската комисија планира и создавање на стратешки резерви – од медицинска опрема, до алати за справување со хемиски и нуклеарни закани. Некои земји предлагаат и секое домаќинство да добие прирачник за постапување во кризни ситуации, по примерот на Германија и нордиските држави.
Ситуацијата дополнително ја разгоруваат извештаите од Италија – во текот на вчерашниот ден над Милано со часови летаа бомбардери, а министерот за надворешни работи на Италија им се обрати на граѓаните со апел да подготват резерви од храна и основни потрепштини.
Додека властите предупредуваат на непредвидливи предизвици и потреба од „72 часа самодоволност“, десничарските политички опции во ЕУ оваа иницијатива ја нарекуваат „воена хистерија“ и го обвинуваат Брисел дека шири страв меѓу граѓаните.
Сепак, факт е дека земјите најблиски до Русија веќе се најподготвени за вакви сценарија.