Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Најавената интерпелација на Мицкоски за јануари завршува со зголемување на владејачкото мнозинство

Mитинг на вмро во Скопје, 18 јуни 2022 (фото: К. Михаилов)

Ниту една интерпелација за власта што ја најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не заврши во полза на опозицијата. Последно, тој најави дека ќе се гласа за недоверба на Владата кон крајот на јануари годинава, но во меѓувреме, спласнаа изјавите за ваквата идеја на Мицкоски. Тој на крајот на минатиот месец бомбастично објави дека постојат „охрабрени пратеници“ од владејачкото мнозинство кои ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ во намерата. Претседателот на партијата кажа дека очекува во 2023 година да најдат 61 пратеник кои ќе гласаат недоверба на Владата и, според него, втората половина на јануари и првата половина на февруари е одличен момент за да се гласа за недоверба на Владата.

-Охрабрени сме што има пратеници од Коалицијата во Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, кои праќаат јасни сигнали дека сакаат што побрзо да се стави крај на ова криминално и коруптивно владеење на оваа коалиција и дека се подготвени во Парламентот да поддржат распуштање и организирање предвремени парламентарни избори, изјави кон крајот на декември Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Ваквата најава на Мицкоски ја потврди и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во гостување на Сител телевизија.

-Опцијата за поднесување иницијатива за недоверба на Владата е во игра како една демократска алатка преку која што може да се канализира ова незадоволство на граѓаните и незадоволството на поголем број пратеници. Но од друга страна тоа што не изненади е што во самите структури во СДСМ внатре во Собранието се појавија вакви пратеници, поединци или помали групи кои што оваа опција не ја исклучуваат, рече Милошоски на 13-ти месецов.

Оваа изјава на Милошоски беше и последната од функционер на партијата по темата за најавената интерпелацијата, а на новинарски прашања, од ВМРО-ДПМНЕ започнаа да одговараат дека пратениците се уценети и под притисок.

Од СДСМ денеска соопштија дека се што кажал Христијан Мицкоски „излегло обратно“.

-Мицкоски е човек кој со години зборува само за ново мнозинство кое само што не го постигнал и предврмени избори кои само што не се случиле. Поминаа години, не само што нема ново мнозинство како што најавуваше Мицкоски туку владиното мнозинство ќе се зголемува а нема ниту предвремени избори, истакнаа социјадемократите.

Ова не е првпат Христијан Мицкоски да тврди дека има 61 пратеник за соборување на Владата. Таков обид направи по локалните избори во 2021-вата година, кога на тогашниот премиер Зоран Заев му постави ултиматум да поднесе оставка.

-Време е за промени. Ние потпишаните пратеници бараме да се гласа за доверба на владата. Потпишани се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Доставени се 61 потпис. Очекуваме претседателот на Собранието во најбрз можен рок да свика седница на која ќе се гласа за доверба на владата, изјави тогаш потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Мицкоски уверуваше дека следува нова владина коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со ново парламентарно мнозинство и сподели заедничката фотографија со челниците на Левица, Алијанса за Албанците, Алтернатива и БЕСА.

Сепак, гласањето за доверба на Владата не помина, а владејачката коалиција успеа да го зголеми мнозинството во Собранието. Веднаш по неуспешната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ успеа да договори влез во Владата на Алтернатива, предводена од Африм Гаши, со што мнозинството се зголеми на 64 пратеници.

Сега пак, откако ВМРО-ДПМНЕ повторно најави соборување на власта апреку Собранието, СДСМ е на чекор да постигне договор со Алијанса за Албанците за влез во Владата, со што мнозинството ќе порасне на повеќе од 70 пратеници.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ поднесуваше интерпелации и за поединечни министри, како и спикерот Талат Џафери. Досега ниту една поднесена интерпелација не беше успешна. Во други случаи пак, партијата остана само на најави, како што е случајот со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Иако пред само два месеца кажаа дека ќе бараат да се гласа недоверба на Спасовски во Собранието, во меѓувреме се откажаа велејќи дека немаат осигурано поддршка од 61 пратеник за иницијативата.

Извор: FRONTLINE

Зачлени се на нашиот е-билтен