Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Најчестите измами со храна во Македонија

Економски мотивираното фалсификуање на храната се проценува дека предизвикува штета од околу 8 до 12 билиони евра годишно во Европа. Европските и македонските граѓани имаат право да бидат заштитени од овие практики и да добиваат точни информации за храната кои тие избрале да ја набават.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Познатите скандали како измамата со „маслото од маслодајна репа“ наменето за индустриско производство, кога заболеа околу дваесет илјади луѓе и починаа помеѓу 370 и 835 во Шпанија; диоксин во Белгија што предизвика огромни економски загуби (1999); труењето со метанол поради продажба на нелегални алкохолни пијалаци, што предизвика 59 смртни случаи во Чешка и Полска (2012 – 2014), коњското месо во говедски производи во земјите на ЕУ (2013), фипронил во јајца (2017), колење на болни крави (2019), го привлекоа вниманието ширум светот.

Тоа е само сосема куса хроника на измамите со храна во светот на Светскиот ден на храната за да го свртиме вниманието кон оваа исклучително важна тема.

Во нашата земја, за среќа, немало такви големи или катастрофални појави заради измами со храна, иако имало сериозни измами кои укажуваат на тоа колку внимателност е потребно за спречување на овие појави од многу фактори во општеството – и институционални и индивидуални.

Колку за потсетување какви може да бидат последиците, само пред две недели во едно училиште во Скопје дури 140 ученици имаа здравствени последици од храна од училишната менза. Причините за оово инцидент не се директно поврзани со измами со храна, туку, најверојатно, од нехигиенски причини и од невнимание за квалитетот и рокот за намирниците што биле употребувани во училишната менза, но останува како предупредување за квалитетот на храната.

Последниот обид за измама со храна, според информацијата што за оваа анализа Рацин.мк ја доби од Агенцијата за храна и ветеринарство, е евидентиран во септември годинава. При спроведена вонредна контрола на скопскиот пазар Бит Пазар каде беа запленети и уништени околу 400 килограми гликозен сируп кој се продавал како мед по цена од 200 и 300 денари за тегла.

Со ова само се потврдуваат сознанијата дека многу производи се користат за измами со храна: маслиново масло, млеко, мед, зачини, овошни сокови, вино, риба и морски плодови, месото и месните производи, чоколадите…

Што е измама со храна?

Измамата во контекст на храната значи дека описот на потеклото на храната, нејзиниот состав и како таа била добиена и/или подготвена, треба и мора да бидат вистинити. Тоа значи дека ниедна состојка на храната, која е составен дел или дозволена да се додава во производот, не смее да биде заменета со слична или друга состојка која има помала економска вредност од оригиналната состојка. Ако храната е погрешно опишана, односно доколку информациите за потеклото, составот и останатите информации наменети за потрошувачите не се вистинити и доколку ова погрешно опишување е направено со намера да го измамат потрошувачот заради финансиска добивка, измамата со храна – често позната како економско мотивирано фалсификување – е веќе извршена.

Економски мотивираното фалсификуање на храната се проценува дека предизвикува штета од околу 8 до 12 билиони евра годишно во Европа. Европските и македонските граѓани имаат право да бидат заштитени од овие практики и да добиваат точни информации за храната кои тие избрале да ја набават.

Различни меѓународни институции работат на развој на соодветни веродостојни методи за анализа на храната и определување на измамата. За некои производи веќе се развиени неколку методи за анализа, како што се методи за анализа на медот, методи за анализа на виното, методи за анализа на маслиновото масло. Како што е веќе напоменато, иако измамата со храна се врзува за стекнување на економска корист, дури и релативно евтината достапна храна може да биде предмет на измама.

Прашавме во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои се најчестите измами со храна и од таму ни рекоа најчести измами со хране е употребата на гликозни сирупи од растително потекло како замена за мед, или, со мешање на истиот. Кај свежите подготовки на месо и меленото месо измамите најчесто се во делот  на користење на евтини суровини (пилешки желудници, машинско обескостено месо) и употреба на разни адитиви кои што врзуваат вода за да се добие поевтин производ.

Од АХВ велат дека се вршат и измами во однос на предекларирање на производите, менување на датумите во однос на рокот на траење/употреба, нивно бришење или прелепување.

Измамите со храна, констатирале во АХВ, врши најчесто од мали производители, кои имаат ограничени капацитети за производство, или, мали, ограничени количини на суровини или производи. Тие откако ќе ги потрошат суровините/производите, истите ги заменуваат со други производи, за кои најчесто не е утврдено потеклото. Во однос на додатоците во исхраната, суплементите, како и храната од неживотинско потекло, тие најчесто содржат недозволени материи, или се истакнуваат здравствени тврдења и лекарски дијагнози, за кои нема научна ниту медицинска поткрепа.

Од АХВ напоменуваат дека со растот на електронската трговија измамите со храна многу често се појавуваат кај онлајн продажбата. Но, според последните измени и дополнувања на Законот за безбедност на храната од минатата година, за продажбата од далечина важат истите услови како и за физичката продажба, а тоа е регистрација или одобрување за соодветната дејност од страна на АХВ.

Каков е трендот на измами со храна? Дали треба да бидеме загрижени?

Секогаш постои и треба да има доза на загриженост, особено во услови кога храната како основна животна намирница е многу интересна за манипулација и измами, посочуваат од АХВ.

„Кај нас, сѐ уште измамите не се од толку голем обем како што се случувањата на светско ниво, пред сѐ поради фактот што сме мала држава и како производители и трговци не сме интересни како играчи на големиот пазар. Најчесто случаите на измами со храна се поединечни и се од помали размери, односно, не се работи за организирани групи“, рекоа за Рацин.мк од АХВ. 

Не интересираше како Агенцијата за храна и ветеринарство ги следи овие појави и на кој начин се справува со измами со храна и како ги известува граѓаните.

„АХВ будно ги следи и физичките и продажбите на далечина и преку инспекциските служби и преку Одделението за измами со храна. За методите не би откривале многу, генерално опсервацијата на пазарот е добро покриена од наша страна. Откриените случаи се санкционираат“, посочија од АХВ.

Според препораките на АХВ, прво и основно е граѓаните да внимаваат храната да потекнува од регистриран/одобрен објект или производитрел од АХВ, соодветно да биде декларирана, вклучувајќи го и рокот на употреба и температурата на чување, без оглед на тоа дали се работи за физичка, или продажба на далечина.

Доколку утврдат или забележаат неусогласености кај храната, од АХВ повикуваат потрошувачите да ја информираат Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk.

Како се следат појавите на измама со храна

Како помош на компаниите и поединците во борбата со измамите со храна вклучени се не само домашните, туку и официјални интернационални институции како што се Интерпол и Европол преку заеднички годишни акции ОПСОН, како и Европската комисија.

Европска мрежа за измами со храна (EU Food fraud Network – од 2013) им овозможува на државите-членки (но и на останатите европски држави) да разменуваат информации и да соработуваат на доброволна основа за прашањата кои се однесуваат на повреда на законодавството во земјоделскиот и прехранбениот синџир во Европа.

Систем за брзо известување за безбедноста на храната (RASFF – Rapid Alert System for Food and Feed), е систем кој овозможува Европската Унија да има еден од највисоките стандарди за безбедност на храната во светот. Тоа е клучна алатка за обезбедување на проток на информации за да се обезбеди брза реакција, воедно овозможувајќи ефикасна размена на информации меѓу своите членки, како за случаите на измама со храна, така и за појава на небезбедна храна и пијалаци и/или нивно повлекување од пазарот.

Овој систем има on-line база на податоци, достапна од 2014 година, преку која може да се добијат сите неопходни податоци за сомнителната храна и/или производители/дистрибутери.

Агенцијата за храна и ветеринарство е контактна точка во нашата држава која е овластена да ги добива известувањата од Системот за брзо известување за безбедноста на храната – RASFF. По добивањето на известување за определена докажана измама, АХВ е должна соодветно да реагира, известувајќи ги сите заинтересирани страни за идентификуваната измама со храна.

Прозиводи кои се најчесто подложни на измами

Низ историјата, а и денес, се издвојуваат повеќе видови на прехранбени производи (храна и пијалаци) кои се најподложни на измама. Речиси идентична е листата и во Македонија. Еве некои од нив.

1. Маслиново масло

Маслиновото масло е течен производ на липиди добиен од маслинки (овошје од фамилијата Oleaceae), традиционално дрво од медитеранскиот регион. Се добива со пресување на цели плодови на маслинки и екстрак[1]ција на маслото. Најчесто се користи за готвење и во свежи салати. Упот ребата на маслиновото масло варира во различни региони и зависи, пред сѐ, од културата и навиките во исхраната. Во најголемо количество содржи олеинска киселина (до 83%), и во помали количества останати масни киселини како линоленската киселина (до 21%) и палмитинската киселина (до 20%). Екстра девственото маслиново масло треба да има степен на слободна киселост не повеќе од 0,8% и се смета дека има поволни сензорни карактеристики (вкус).

Најчеста измама е замената на маслиново масло со понизок квалитет во амбалажи што прикажуваат повисок квалитет (обично маслиново масло во екстра девствено масло) или лажна ознака за географското потекло (наместо ознаката да содржи дека маслото е со потекло од Турција – ознаката содржи дека маслото потекнува од Италија, на пример).

2. Месо и производи од месо

Најчесто измамата кај месото и производите се случува од економски побуди, при што на месото со повисока вредност му се додаваат поевтини состојки. Сепак, во месната индустрија се познати и други практики за измама како потеклото на месото и начинот на исхрана на животните; замена на состојките на месото со други животински видови, ткива, масти или протеини; измена на методите за преработка на месните производи и додавање немесни компоненти како што се вода или адитиви.

Правилниот опис на потеклото на месото и месните производи често се пријавува како проблем и е намерна постапка за економска корист, користење на евтини извори на месо во скапи месни производи.

Последиците може да предизвикаат економски, религиски, но и здравствени проблеми: фалсификуваните компоненти може да бидат токсични, а непријавениот додаток на некои состојки (на пр., соја, пченица, млечни производи) може да претставува здравствен ризик за потрошувачите кои се алер[1]гични или нетолерантни на одредена храна.

3. Риба и морски плодови

Познати се здравствените придобивки од консумирањето на риба и морски плодови поради содржината на омега 3-полинезаситени масни киселини, но и како алтернативен извор на протеини на месото.

Меѓутоа, одржливоста на риболовот, заедно со зго[1]леменото загадување на водите со жива, микропластика и давањето на антибиотици кај одгледуваната риба може неповолно да влијаат на здравјето на потрошувачите.

Измамата кај оваа група на производи ги засега сите популациски групи. Најчесто, некои видови на риба и морски плодови со повисока вредност се заменуваат со поевтини, полесно достапни видови, а се декларираат лажно. Оваа измама влијае не само на квалитетот на храната, туку и на домашниот буџет.

Погрешното означување е вообичаен проблем кај рибите и, воопшто, кај морските плодови, што влијае на автентичноста на производот. Наведувањето на видот е обврска во повеќето барања за означување. Многу студии укажуваат на погрешното означување, што е докажано со користење на методи кои се засноваат на ДНК-анализа за идентификација на видовите. ЕВРОПОЛ ја смета рибата за трет најголем ризик во однос на измамите со храна.

4. Млеко и млечни производи

Млекото се смета за еден од седумте видови храна најранливи на фалсификување, првенствено мотивирано од економски причини. Поради големата побарувачка на млеко и вредноста на некои млечни производи, измамата во млечната индустрија стана широко распространет проблем и претставува вистинска грижа за многу потрошувачи и надлежни служби, бидејќи фалсификувањето неизбежно го намалува квалитетот на производот и може да доведе до опасности што можат да го загрозат здравјето.

Млекото се разблажува со вода или му се додаваат супстанции за привидно зголемување на содржината на протеини (меланим, палмино масло), за пенливост (детергенти), за зголемување на густината на разблаженото млеко (амониум сулфат).

Сите овие видови на измама може да претставуваат закана за јавното здравје. Додавањето на меламин (како оправдување за зголемување на содржината на проитеини) може да претставува опасност по јавното здравје.

Позната е измамата со млеко во 2008 година во Кина, кога на 16 бебиња им биле дијагностицирани камења во бубрезите. Сите тие биле хранети со млеко во прав (формула за бебиња), во која подоцна било откриено адултерирање (фалсификување) со „токсична ин дустриска хемикалија“ меламин. Четири месеци подоцна околу 300 000 бебиња во Кина се разболеле од кон – таминирано млеко и оштетувањето на бубрезите довело до шест фатални исходи.

5. Мед

Во медот се додава шеќерен сируп, пченичен скроб, фруктоза, гликоза и шеќер од репа без да се декларираат, односно да се опишат на етикетата.

ЕУ го постави медот во списокот на првите десет прехранбени производи со најголем ризик од измама со храна, пред сѐ, мотивирано од економски причини, особено со оглед на лесното додавање на шеќерни сирупи во првокласен мед кој се разредува со поевтини видови.

6. Вино

За висококвалитетните вина од особено значење е географското потекло и, генерално, измамите се однесуваат на погрешно означување.

Исто така, форми на измама се: разблажување со вода, додавање на алкохол или други состојки, мешање или замена на вино со помал квалитет, додавање на засладувачи.

Во 1970 година некои угледни винарии на европски вина го обелоденија скандалот со пог решно означување на некои француски високорангирани вина. Ова вклучува процес на производство на виното во една земја, пренесување за флаширање во друга земја, а озна чувањето се случува во трета земја.

7. Овошни сокови

Квалитетот и автентичноста на овошниот сок, како и количест – вата кои се консумираат, се од особено значење, особено за децата и старите лица.

Најчестите практики за адултерирање во индустријата на овошни сокови вклучуваат разредувње со вода, додавање на шеќери, миење на пулпата или додавање на други адитиви и мешање на различни видови сокови – дефинирано како недекларирано додавање на сок со помала вредност на производот (на пр., скап сок од јагода се разблажува со поевтин сок од јаболка).

Од делни сокови може да бидат само вода, боја и арома, иако на декларацијата е наведено и овош је како состојка. Сите овие форми на адултерирање водат кон изгубена вредност за потрошувачот, па дури и го загрозуваат здравјето на потрошувачите предизвикувајќи алергиски реакции.

8. Кафе и чај

За овој вид на производи многу е тешко да се зборува и потврдува квалитетот и автентичноста, освен ако зрната на кафе или деловите на растението од кои се прави чајот се одгледуваат и собираат на места кои ги знаеме.

Генерално, кафето и чајот ги консумираат сите популациски групи, од бебиња до стари лица, па секако дека е важно тие да бидат по состав, потекло и рок на траење соодветни на декларираното на етикетата.

Меленото кафе може да биде помешано со листови, гранчиња, печена пченка, мелен печен јачмен и печени пигменти од земја. Чајот може да содржи листови на други билки, адитиви во прав и боја.

9. Зачини

Зачините заземаат голем дел од економската вредност и се подложни на измама. Во шафранот, нај скапиот зачин во светот, откриено е додавање на глицерин, сандалово дрво, тартазин (вештачка жолта боја), бариум сулфат и боракс.

Докажано е дека во мелениот црн пипер се додава скроб, семки на папаја, хелјда, брашно, гранчиња и просо. Овие измами немаат значајно влијание на јавното здравје, но се значајни од аспект на квалитетот и автентичноста на производот, и се економски мотивирани.

10. Органска храна и производи

Во изминатите две децении, секторот за производство на органска храна ги надмина останатите сектори. Како и секој голем и комплексен синџир на снабдување, ризикот од измама кај органската храна може да се зголемува како ќе се зголемува и пазарот.

Иако е тешко да се мери обемот на измамата во органскиот пазар, најчесто производи од комерцијално производство се претставуваат како органски со користење на лажни сертификати, лажни етикети и декларации.

За да бидат означени како органски, производите мора да бидат сертифицирани според европските и националните стандарди и барања. Постојат различни нивоа на органски производи, вклучително „100% органски”, „органски” за производи кои содржат најмалку 95% органски материјал, и „направени со органски состојки” кои содржат најмалку 70% органски состојки.

Понекогаш, производите означени како органски не се во согласност со стандардите за органско означување. Означувањето кое може да ги доведе потрошувачите во заблуда не само што ги повредува правата на потрошувачите, туку им овозможува на компаниите да се служат со нечесна практика и да стекнуваат погодности. Познат е случајот против Tyson Foods за означување „пилешко одгледано без антибиотици” со кое потрошувачите се доведуваат во заблуда, а е во насока на заштита на правата на потрошувачите да ги добиваат правилните информации.

11. Какао и чоколада

Чоколадата и производите од какао се особено привлечни и консумирани од малите деца и тинејџерите, но, исто така, и од старите лица. Производителите на оваа група на производи одамна се обидувале (а и денес се обидуваат) да се замени најскапата состојка – какао масата – со некоја друга, поевтина состојка.

Измамите се однесуваат и на додавање на масти со различно потекло за да се подобри вкусот. Во некои случаи пронајден е материјал сличен на какаото кој е додаден заради зголемување на масата. Чести се појавите на лажно декларирање на состојките и/или географското потекло.

Зачлени се на нашиот е-билтен