Кавадарци и годинава ќе биде домаќин на интернационалниот натпревар за најдобри вина, кој се организира по десетти пат, во рамки на Здружението за негување и развој на винската култура, винскиот туризам и производите од грозје „Винотек“. Според најавата, здружението веќе објавило јавен повик за доставување мостри, кои по дегустација ќе ги оценува стручна комисија.
Настанот се организира по повод Свети Трифун, празникот на лозарите и винарите што се одбележува на 14 февруари, а во подготовката учествува и средното општинско земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци. Покровители се градоначалникот и Општина Кавадарци, како и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На натпреварот, како што е најавено, ќе се оценуваат вина од регистрирани производители, мали семејни винарници, домашни индивидуални производители и странски винарници. Категориите опфаќаат млади вина од бербата 2025 година (бели, розови и црвени), мирни вина (бели, розови и црвени), како и најдобри странски вина, при што посебно се издвојува автохтоната сорта станушина. Оценувањето ќе го спроведе петчлена комисија предводена од проф. д-р Михаил Петков, а трите најдобри вина од секоја категорија ќе добијат пехари, медали, дипломи и награди.