Најгостопримливи дестинации 2026 се новите листи што Booking.com ги објави во рамки на Traveller Review Awards, засновани на стотици милиони потврдени оценки од патници во изминатите 12 месеци, со цел да се издвојат места каде гостопримството и услугата најчесто оставаат „траен впечаток“ кај посетителите.
Листата опфаќа 10 градови и 10 региони од целиот свет, а седум од вкупно 20-те избрани дестинации се во Европа. Во категоријата градови, европски претставници се Монте Пулчано во Италија, Харогејт во Обединетото Кралство и Клајпеда во Литванија, додека кај регионите се издвојуваат Навара во Шпанија, Саксонија во Германија, Оверејсел во Холандија и Епир во Грција.
Како најгостопримлив град е рангиран Монте Пулчано, тоскански ридски град познат по виното „Вино Нобиле“, додека во првите пет се најдоа и Магонг во Тајван, Сан Мартин де лос Андес во Аргентина, Харогејт и Фредериксбург во Тексас. Во продолжение, меѓу десетте се Пиренополис во Бразил, Свакопмунд во Намибија, Такајама во Јапонија и Нуса Хедс во Австралија, со Клајпеда како десеттопласирана.
Кај регионите, највисоко е рангиран Идалго во Мексико, пред Њуфаундленд и Лабрадор во Канада и Навара во Шпанија, а во првите десет се и Ајдахо во САД, Химачал Прадеш во Индија, Саксонија во Германија, Панг Нга во Тајланд, Оверејсел во Холандија, Епир во Грција и Чирики во Панама.
Според објаснувањето за методологијата, листите се составени според уделот на сместувачки партнери во одреден град или регион кои добиле награда, во однос на вкупниот број „подобни“ објекти во таа дестинација. За награда, сместувачите морале да имаат просечна оцена од најмалку 8,0 и минимум три рецензии, пресметано до 30 ноември 2025 година, а за да влезе на листа, дестинацијата морала да има и надпросечен број добитници.