Најмалку 20 лица го загубија животот како последица на силната снежна бура и екстремниот студ што зафати голем дел од Соединетите Американски Држави, јавуваат американските медиуми.
Според информациите, осум смртни случаи се регистрирани во државата Њујорк од петокот наваму, додека останатите се пријавени во Тенеси, Луизијана, Масачусетс, Канзас и Пенсилванија, пренесува Би-Би-Си.
Во Тексас, 16-годишно девојче го загуби животот во несреќа додека се санкашe, соопшти локалната полиција.
Стотици илјади без струја, илјадници летови откажани
Поради силното невреме, повеќе од 860.000 домаќинства останаа без електрична енергија, а откажани се околу 12.000 авионски летови низ земјата, информираат американските власти.
Под предупредување за опасно ниски температури се наоѓаат околу 185 милиони луѓе во централниот и источниот дел на САД. Во одделни региони температурите се спуштија и до –35 степени Целзиусови.
Невремето продолжува
Метеоролозите предупредуваат дека периоди на силен снег, замрзнат дожд и ледена киша ќе продолжат и во наредните денови, особено на североистокот од земјата. Според прогнозите, најсилниот бран на невремето се очекува да стивне дури во вторник.
Надлежните апелираат граѓаните да избегнуваат патувања, да останат во затворени простории и да ги следат официјалните предупредувања.