Најмалку 22 загинати во поплави и свлечишта во Непал

Обилните дождови што го зафатија Непал во последните 36 часа предизвикаа свлечишта и бујични поплави кои урнаа мостови, блокираа патишта и однесоа човечки животи. Според официјални податоци, најмалку 22 лица загинале, а повеќе се водат како исчезнати.

Во источниот округ Илам, кој се граничи со Индија, 18 лица загинале во одделни свлечишта, изјави портпаролот на непалската полиција Бинод Гимире.
Во јужниот дел на земјата, три лица ги загубиле животите поради удари на гром, додека една личност загинала во поплава во округот Удајапур, исто така на истокот на земјата.

Властите соопштија дека единаесет лица ги однеле поплавите и се сметаат за исчезнати.
„Акциите за спасување се во тек,“ изјави за „Ројтерс“ Шанти Махат, портпаролка на Националното тело за управување со ризици од катастрофи (NDRRMA).

Неколку автопати се целосно блокирани поради свлечишта и поплави, при што стотици патници останале заглавени.
Домашните летови се значително нарушени, но меѓународните се одвиваат нормално,“ соопшти Ринџи Шерпа, портпарол на аеродромот во Катманду.

Во југоисточниот дел на земјата, реката Коши, која речиси секоја година предизвикува смртоносни поплави во индиската држава Бихар, се искачила над опасното ниво.
Протокот на водата е повеќе од двојно зголемен во споредба со вообичаениот,“ изјави Дхармендра Кумар Мишра, окружен управник на округот Сунсари.

Непалските власти апелираат граѓаните да бидат внимателни и подготвени за нови поројни дождови што се очекуваат во наредните денови.

Зачлени се на нашиот е-билтен