Најмалку три ученици загинаа, а 100 се повредени кога се урна Исламската школа Ал Хозини во Сидоарджо, Источна Јава, Индонезија. Спасувачките екипи денес продолжија со напорите да ги извлечат преживеаните ученици кои се заглавени под урнатините на интернатот, а десетици се уште се сметаат за исчезнати, затрупани под бетонските остатоци, пренесува AP.
Спасувачките тимови, вклучувајќи полиција и војска, успешно извлекоа осум повредени повеќе од осум часа по уривањето.
Учениците, претежно момчиња на возраст од 12 до 18 години, се молеле во попладневните часови кога зградата, која била во фаза на неовластено проширување, изненадно се сруши.
Според последните податоци, 75 ученици и двајца наставници се хоспитализирани. Многу од повредените имаат тешки повреди, вклучувајќи скршеници и повреди на главата. Некои од преживеаните се во критична состојба.
Властите истражуваат што предизвикало уривање, а портпаролот на покраинската полиција, Жил Абрахам Абаст, изјави дека старата молитвена сала на зградата имала два ката, а подоцна се надоградене уште два ката без потребни дозволи.
Локалните медиуми јавуваат дека интернатот Ал Хозини е еден од најпознатите во регионот, со традиција долга повеќе од 100 години, каде што учениците, покрај формалното образование, се обучуваат и во длабоко изучување на исламските верски науки.
Во несреќата која се случи вчера, 102 лица беа евакуирани, соопштија властите за ублажување на последиците од катастрофи. Портпаролот на агенцијата, Абдул Мухари, рече дека спасувачите користеле булдожери и друга тешка опрема за да ги поместат урнатините во потрага по преживеани.